„Која е Ева?“, „Акварела“ и „Господата од современа“ вечерва на МАКЕДОКС
СЕНЗИТИВНАТА И ИНТИМНА ПРИКАЗНА ШТО ЈА НОСИ ИЗЛОЖБАТА „ЉУБЕНИТЕ. СЕЌАВАЊЕ НА ЕДЕН ЗАЕДНИЧКИ ЖИВОТ“, ДВАНАЕСЕТ ПОРТРЕТИ НА БИЛЈАНА ГАРВАНЛИЕВА (1973-2016) И МАНУЕЛ ЦИМЕР, ПОТТИКНА МНОГУ ЕМОЦИИ НА ОТВОРАЊЕТО НА ПОСТАВКАТА ВО ЧИФТЕ АМАМ. ИЗЛОЖБАТА Е ПОСТАВЕНА ВО РАМКИТЕ НА ПРОГРАМАТА НА „МАКЕДОКС“ СО ШТО БЕШЕ ОДДАДЕНА ПОЧИТ КОН ДЕЛОТО НА МАКЕДОНСКАТА, ПРЕРАНО ПОЧИНАТА, РЕЖИСЕРКА.
Сензитивната и интимна приказна што ја носи изложбата „Љубените. Сеќавање на еден заеднички живот“, дванаесет портрети на Билјана Гарванлиева (1973-2016) и Мануел Цимер, поттикна многу емоции на отворањето на поставката во Чифте амам. Изложбата е поставена во рамките на програмата на „МакеДокс“ со што беше оддадена почит кон делото на македонската, прерано почината, режисерка.
На отворањето присуствуваа сопругот на Билјана, Мануел Цимер, нејзината ќерка и членови на семејството, како и авторот на проектот Тим Дојсен.
„Среќен сум што изложбата е поставена во овој прекрасен објект во Скопје, бидејќи и Билјана многу го сакаше Чифте амам. Идејата за креирањето на проектот е на Билјана, бидејќи таа не сакаше да ја крие својата болест и сметаше дека треба да остане некаков документ што ќе остави трага за нашата заедничка борба против смртта“, рече Мануел Цимер.
Проектот е реализиран со дигитален метод на т.н. „проширена реалност“ и претставувал голем предизвик за германскиот фотограф Тим Дојсен, кој собрал храброст да обработи специфична приказна со трогателна нота.
„Човек треба да биде храбар за да покаже колку, всушност, е ранлив“, потенцираше Дојсен на отворањето на изложбата, цитирајќи ја мислата на Билјана Гарванлиева.
Во подготовката и опремувањето на изложбата учествуваа Сашо Н. Алушевски, Самир Карахасан и Владо Димоски, а истата е поддржана од Министерството за култура и Националната галерија. Изложбата е поставена во Чифте амам и ќе може да се посети до крајот на годинашниот „МакеДокс“.
Веднаш по отворањето на изложбата, на платото пред Куршумли-ан се одржа и светската премиера на последниот филм на Билјана Гарванлиева. Документарецот „Тетовски самрак“ (Северна Македонија / Германија / 2019 / 65’) го почнала Гарванлиева откако дознала за својата болест, а го довршил нејзиниот сопруг Цимер. На премиерата присуствуваше комплетната филмска екипа предводена од Мануел Цимер и продуцентот Огнен Антов заедно со протагонистите во филмот, а бројна публика го исполни платото пред Куршумли-ан.
Филмот го третира животот на повеќе млади луѓе во Тетово, кои соочени со економската состојба во државата се принудени да ја бараат својата надеж за подобар и поквалитетен живот во странство.
„Билјана имаше шесто сетило да направи избор на протагонисти и да ја раскаже нивната приказна, а сцените во филмот да изгледаат многу природно“, рече асистентката на режија, Сенада Ибраимова, по проекцијата на филмот, додека монтажерот Сашко Потер Мицевски филмот го посвети „на сите осамени мајки кои ги чекаат своите синови и ќерки да се вратат од работата во странство“.
Повеќе други програми веќе влегоа во ритамот на десеттиот „МакеДокс“. Со филмот „Ѕидот“ (Германска Демократска Република/ 1990/ 99’) на Јирген Бучер почна програмата Земја во фокус – Германија. Се одржа и првата сесија „Под смоквата“, каде фестивалските гости имаат можност низ разговор да дискутираат за сопствените искуства во правењето на документарните филмови, од потребата да се биде документарист до суштината на делото и трнливиот пат на неговата реализација.
Од програмата за денес, 23 август, најавен е почетокот на Детската и Младинската програма. Во 19 часот во Младинскиот културен центар ќе се случи првата од четирите премиери на филмовите на „Докуникулци“. Честа да го „разбие мразот“ ја има краткиот документарец „Низ објективот на копнежот“ на Розе Симоновска.
Вечерта ќе ја одбележи уште една премиера на македонски документарец и на платото пред Куршумли-ан во 22.30 публиката премиерно ќе има можност да го види филмот „Господата од Современа“ на Ана Алексовска.
Во програмата на филмови од странски автори ќе може да се видат „Градот наречен желба“ на Питер Зак и контроверзниот „Која е Ева?“ на Пиа Хелентал, додека во киното „Милениум“, а како најава на утрешниот мастер-клас, ќе се одржи проекцијата на „Акварела“ на Виктор Косаковски.
фотографии: МакеДокс