Лице в лице интервју

Корупцијата не е апстрактна: како институционалните пропусти го загрозуваат животот на граѓаните

Мaрија Мирчевска од Институтот за демократија Социетас Цивилис зборува за политички интегритет и корупција

Пожарот во Кочани уште еднаш покажа дека непочитувањето на правилата, толерирањето на корупцијата и ненавременото или несоодветното постапување на институциите претставуваат сериозен ризик за животот, здравјето и достоинството на граѓаните, вели Марија Мирчевска, раководителка на Центарот за добро владеење при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (IDSCS).


Пишува: Адријана Георгиев
Фотографии: Институт за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје

Во услови на постојани корупциски скандали, трагични настани и сè поголема недоверба на граѓаните во институциите, прашањето за политичкиот интегритет станува клучно за иднината на демократското управување во земјава. Колку навистина се почитуваат правилата, каде системот најмногу потфрла и кои групи ја плаќаат највисоката цена од корупцијата?

За овие прашања разговаравме со Марија Мирчевска, раководителка на Центарот за добро владеење при Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (IDSCS). Таа зборува за поимот политички интегритет, системските ризици во носењето одлуки, институционалните слабости во транспарентноста и надзорот, како и за тоа зошто корупцијата најсилно ги погодува жените, младите и маргинализираните групи. Мирчевска нуди и конкретни чекори што можат реално да донесат промени во наредните неколку години.

Како го дефинирате поимот политички интегритет во контекст на локалната и националната власт во Северна Македонија?

Интегритет е сет на вредности до кои се придружуваме и кои имаат за цел да го заштитат јавниот интерес. Во контекст на државните институции, тоа подразбира воведување политики, мерки и практики преку кои овие вредности се операционализираат, а кои превентивно спречуваат појава на корупција и судир на интереси. На тој начин, јавниот интерес се става пред приватниот.

Како илустрација, такви мерки можат да бидат: донесување етички кодекси, поднесување изјави за имотна состојба и интереси, ограничување на дискреционите овластувања, воведување практики за транспарентност и отчетност, како и воспоставување системи за заштита на укажувачите.

Прочитајте повеќе на оваа тема

Еколошката правда сè уште недостижна: Корупцијата екстремно ни го дозагади воздухот!

Каде најчесто потфрлаат институциите кога станува збор за транспарентност и отчетност – во законите, нивната примена или контролата?

Недостатокот на транспарентност и отчетност се појавува во сите фази од циклусот на јавните политики. Во фазата на подготовка на законите, проблематична е честата или несоодветна употреба на скратена постапка во Собранието, без јасно образложение за итноста.

Дополнително, законските решенија често се подготвуваат без навремено и суштинско вклучување на засегнатите страни – граѓанските организации, академската заедница, синдикатите и стопанските комори. Ова резултира со недоволна јавна дебата и слаб квалитет на законите.

Во фазата на примена, недостасува институционална култура за прибирање и јавно објавување податоци, што би овозможиле реална проценка на ефектите од политиките. Во фазата на контрола, пак, често изостанува јавното објавување на наодите од инспекциските надзори, иако тоа е законска обврска.

Марија Мирчевска од Институтот за демократија Социетас Цивилис зборува за политички интегритет и корупција Лвл интервју
Марија Мирчевска од Институтот за демократија Социетас Цивилис зборува за политички интегритет и корупција Лвл интервју

Може ли да наведете конкретен пример каде нешто требало да се направи по закон или добра пракса, а не било – и кои беа последиците?

– Пожарот во Кочани уште еднаш покажа дека непочитувањето на правилата, толерирањето на корупцијата и ненавременото или несоодветното постапување на институциите претставуваат сериозен ризик за животот, здравјето и достоинството на граѓаните.
Доколку се почитуваа безбедносните и противпожарните стандарди, доколку се проверуваа податоците за добивање лиценци и доколку се санкционираше корупцијата и непрофесионалното постапување кај надлежните институции, ризикот од ваков настан ќе беше значително помал.

Како недостатокот на политички интегритет најмногу ги погодува жените, младите и маргинализираните групи?

Корупцијата во здравството особено ги погодува граѓаните со понизок социо-економски статус, кои поради полошите здравствени услови имаат почест контакт со јавниот здравствен систем. Ова ги изложува на зголемен притисок од корупција.

Жените дополнително се погодени, бидејќи почесто ја преземаат улогата на посредници со здравствениот систем – преку закажување прегледи, комуникација со институциите и грижа за децата, постарите и другите членови на семејството.

Истовремено, трагични настани како пожарот во Кочани и сообраќајната несреќа кај Ласкарци покажаа дека корупцијата во инспекцискиот надзор и непочитувањето на безбедносните стандарди ги прават транспортот и угостителството особено ризични за младите.

Која треба да биде улогата на граѓанскиот сектор и активните граѓани во спречувањето на корупцијата?

Антикорупциската политика бара познавање на голем број закони, политики и институции. Граѓанските организации често го носат товарот да ги следат измените и примената на законите и навремено да реагираат кога тие не се во јавен интерес.

Покрај тоа, тие често дејствуваат како „преведувачи“ меѓу институциите, стручната јавност и граѓаните, бидејќи темите се сложени и тешко разбирливи. Дел од организациите се и регистрирани даватели на бесплатна правна помош, нудејќи поддршка на граѓаните што се соочуваат со корупција.

Кои се три конкретни чекори што реално би можеле да ја подобрат состојбата во наредните 2–3 години?
Прво, потребна е зголемена проактивност и институционална независност на регулаторните и надзорните тела. Второ, зајакнување на инспекцискиот надзор, особено во секторите со висок ризик. И трето, поефикасни судски постапки во разумен рок, со гарантирана фер постапка и соодветни, пропорционални казни за сторените кривични дела.

Кои се најранливите точки за корупција во јавните набавки и политичкото финансирање?

Според Државната комисија за спречување на корупцијата, најранливите точки во јавните набавки се во фазата на подготовка на техничката спецификација, кога таа се прилагодува за фаворизирање одреден економски оператор. Центарот за граѓански комуникации укажува и на намалување на конкуренцијата, односно зголемување на бројот на постапки со само еден понудувач, што е јасен индикатор за зголемен корупциски ризик.

Одговорете на прашалник

Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства

Напишете коментар