Купи „Лице в лице“ од Анабела: Таа не продава само списание, туку раскажува животна приказна

Анабела Мередиева е од оние луѓе кои веднаш ви го осветлуваат денот – со топол поздрав, искрен поглед и едно скромно:
– Здраво, повелете купете „Лице в лице“. Сакам да ги допродадам последните примероци од ова списание, па да почнам со новото издание.
Таа е продавачка на уличното списание „Лице в лице“, и доаѓа од заедницата на „Порака Неготино“ во Волково, каде живее во поддржано домување и секојдневно се вклучува во активности што носат радост и вредност, за неа, но и сите во нејзината заедница.
– Редовно сум низ град – некогаш продавајќи „Лице в лице“, но често и во прошетка со моите пријатели. Одиме во Парк, во Чаршија, низ Центар. Се среќавам со различни луѓе, продавам списанија, разговараме, се смееме – ни раскажува таа.
Работниот ангажман во „Лице в лице“, за неа не е само работа.
– Ова е мој начин да се чувствувам добро, да бидам дел од нешто убаво – вели Анабела со насмевка.
Преку продажбата на „Лице в лице“, таа не само што обезбедува лична финансиска поддршка, туку и руши предрасуди, создава врски и испраќа порака: дека секој човек има што да даде, ако му се даде шанса.
Но нејзината ангажираност не завршува тука. Во заедницата на „Порака Неготино“ во Волково, таа е активна во поддршката на корисниците. Во топлите летни денови, Анабела ужива во нивната градина.
– Во нашата бавча имаме највкусни патлиџанчиња, пиперки, тиквички, боранија, грашок… Си правиме салати, си готвиме сами. Тоа е нашата радост – раскажува таа.
Анабела е доказ дека инклузијата не е само збор, туку вистинска промена што почнува со мали чекори: со подадена рака, насмевка, купено списание, со мал разговор и грижа.
Затоа, кога следен пат ќе ја сретнеш Анабела со списанијата в рака, застани, слушни ја и поддржи ја. Купи „Лице в лице“ – затоа што тоа значи многу повеќе од само едно списание.