Купи „Лице в лице“ од Горде: Вредната продавачка што ја носи радоста во градот

– Здраво, дали сакате да купите „Лице в лице“? И кај мене има уште само неколку печатени изданија кои сакам да ги довршам, пред да го понудам новото.
Ова, заедно со широка насмевка ги пречекува сите кои останаа во Скопје овој период и кои се шетаат низ Дебар Маало.
По претставувањето на Анабела, овој пат зборуваме со Гордана Малинова. Таа е дел од тимот на уличните продавачи на списанието „Лице в лице“, и доаѓа од заедницата на „Порака Неготино“ во Волково, каде живее во поддржано домување.
– Се вратив од одмор, многу убаво си поминав. Сега сум освежена и спремна за новото издание, само да ги допродадам последниве неколку примероци. Не ме викајте на кафе, јас сум за работа дојдена – ни вели таа со насмевка.
Горде секојдневно учествува во активности што ја прават среќна и ја исполнуваат со чувство на припадност.
– Многу сакам да сум меѓу луѓе. Продавам списанија, ама и се дружам, зборувам со различни луѓе. Кога ќе им се насмеам, ми се насмевнуваат и тие. Тоа ме прави среќна – ни раскажува Горде, која неодамна се врати од одмор, полна со енергија и нови впечатоци.
Инаку, таа обожава животни, а особено мачиња. Кога зборува за нив, ѝ се менува целиот израз на лицето.
– Мачињата ми се многу мили! Имаме и во дворот, ми предат и ми скокаат в скут. Јас се грижам за нив, им давам храна, си играме, ми прави друштво – раскажува Горде со нежност.
Работата со „Лице в лице“ за неа е повеќе од обврска. Тоа е нејзин прозорец кон светот, начин да покаже дека секој има свој глас и своја вредност.
– Ова не е само работа. Со ова јас се чувствувам важно. Убаво ми е кога ќе видам дека некој сака да ме слушне, да поразговара со мене. А и секој купен примерок ми помага – додава таа.
Горде е активна и во животот на заедницата. Помага во заедничките обврски, се вклучува во градинарски активности, се грижи за останатите корисници на услугите на „Порака Неготино“ во Волково. Таа сака да учествува во групни прошетки и секогаш е расположена за разговор и шега.
Заедницата на Горде е доказ дека инклузијата не е концепт, туку секојдневие што се гради со внимание, поддршка и мал гест.
Затоа, следен пат кога ќе ја сретнеш Горде со списание во рака, застани, поздрави ја, запознај ја. Купи „Лице в лице“ – затоа што преку таа едноставна акција, ти стануваш дел од нешто многу поголемо: една заедничка приказна за достоинство, еднаквост и шанса.