Ленче Ристоска: Неказнивоста ја нормализира неправдата
Кај младите се создава впечаток дека успехот не доаѓа преку знаење и труд, туку преку врски и политичка припадност. Кога граѓаните не се пронаоѓаат во ваквиот концепт, тие или избираат да се иселат од државата или стануваат апатични и одлучуваат да не партиципираат во општествениот живот, вели Ристоска во интервјуто за „Лице в лице“.
Пишуваат: Адријана Георгиев, Валентина Вурмо
Фотографии: Архива на Ристоска, Лука Плушкоски
Кога јавната обвинителка Ленче Ристоска ја поднесе кандидатурата за државен јавен обвинител кон крајот на минатиот месец, дебатата за иднината на обвинителството повторно излезе од институционалните ходници и се пресели во јавниот простор. Нејзината пријава не беше само формален чекор во законската процедура, туку отвори прашања за независноста на системот, критериумите по кои се избира првиот обвинител и отпорноста на институциите кон политички влијанија.
Ристоска, која изгради препознатлив јавен профил уште од времето на Специјалното јавно обвинителство и како обвинителка за врски со Европравда, во изминатите години често беше гостинка во медиумите и учесничка во дебати за владеење на правото и борбата против корупцијата. Нејзините јавни настапи редовно отвораат чувствителни теми – од влијанија врз правосудството, до законски измени што можат да влијаат врз казнивоста на високата корупција.
Кандидатурата за државен јавен обвинител, функција што ја предводи целата обвинителска служба и за која конечната одлука ја носи Собранието по мислење на Советот на јавни обвинители, предизвика голем интерес и дебата во јавноста.
Во таков контекст, ова интервју доаѓа во момент кога прашањето за казнивоста, интегритетот и независноста на институциите не е само теоретска тема, туку конкретен тест за системот. Ристоска, низ своето професионално искуство и јавни настапи, доследно укажува дека борбата против корупцијата не зависи само од една институција, туку од интегритетот во целата вертикала на системот. За „Лице в лице“, таа зборува за значењето на казнивоста како темел на политичкиот интегритет, ранливите точки во гонењето на корупцијата, формите на влијание врз правосудството и пораките што неказнивоста ги испраќа до младите, како и улогата на правниот систем во заштита на јавниот интерес, ранливите групи и жените.
Колку е важна казнивоста за градење политички интегритет?
– Уставниот суд во својата пракса укажува дека политичките партии, како израз на слободното здружување на граѓаните околу идеи и визии за општеството, треба да дејствуваат во општ, а не во парцијален или материјален интерес. Токму од таа перспектива произлегува и поимот политички интегритет: вршење на политичката и јавната функција во служба на јавноста, а не на лични или теснопартиски цели.
Во таа смисла, казнивоста е суштински елемент на политичкиот интегритет затоа што ја афирмира пораката дека сите се еднакви пред законите. Санкциите не служат само за адресирање на индивидуална правна последица, туку имаат и поширокa општественa улога – превентивно делуваат и покажуваат дека јавната функција и политичката моќ не смеат да бидат штит од одговорност.
Отсуството на казнивост пак создава спротивен ефект – го нормализира чувството дека моќта значи недопирливост и ја претвора правдата во привилегија, наместо во универзално право. Затоа казнивоста не е само прашање на санкции, туку темел врз кој се гради политичкиот интегритет и довербата во демократскиот поредок.
Каде најчесто се губат случаите поврзани со корупција? Во истрагата, обвинението или судството?
– Не постои една точка во која се губат случаите поврзани со корупција – тие се ранливи по целата вертикала на системот. Причината за тоа е што кривичната постапка опфаќа повеќе фази: откривање на корупцијата, обезбедување докази, гонење и пресудување. Во сите овие фази се вклучени различни субјекти врз кои може да се влијае – полиција, истражни органи, сведоци, вешти лица, јавни обвинители и судии од основните и повисоките организациони структури итн.
Дополнително, корупциските случаи често се поврзани со одредени центри на моќ и инволвираат претставници на бизнис-заедницата, политичките елити или носители на функции во законодавната, извршната и судската власт. Во таков контекст, обидите за влијание во постапките не се неочекувани, па интегритетот на сите чинители се наметнува како клучен фактор за успешноста на предметите. Оттука, би рекла дека корупциските случаи се најранливи таму каде што недостига професионален и личен интегритет.
Уште еден значаен ризик е недоволната транспарентност. Таму каде што има најмалку јасност околу постапувањето и одлуките, најлесно се создава простор за притисоци, сомнежи и влијанија, што може сериозно да ја ослабне ефикасноста на гонењето и да доведе до пропаѓање на предметите. Токму затоа транспарентноста е алатката која може да ги намали притисоците од центрите на моќ и да ги охрабри учесниците во постапката да им се спротивстават на влијанијата и да одолеат на притисоците.
Како политичкото влијание ја загрозува независноста на правосудството?
– Системот на поделба на власта е темелна вредност на нашиот уставен поредок и е дизајниран да обезбеди меѓусебна рамнотежа и да спречи влијанија меѓу гранките на власта. Во таа рамка, независноста на судството и самостојноста на обвинителството се суштински гаранции за владеењето на правото и за еднаквоста на сите пред законот.
Политичкото влијание врз правосудството најчесто не се појавува како еден директен чин, туку како процес што се одвива на повеќе нивоа. Од една страна, тоа може да се манифестира преку обиди да се влијае врз конкретни предмети – преку притисоци, влијанија, јавни дискредитации или создавање атмосфера на страв и неизвесност кај оние што постапуваат.
Од друга страна, влијанието може да биде пошироко и посуптилно, преку интервенции во начинот на кој функционира правосудниот систем во целина. Тоа вклучува влијание врз кадровските политики – избори, напредувања и распределба на функции – но и врз институционалните капацитети, како што се буџетот, човечките ресурси, техничката опременост и условите за работа. Промовирањето „подобни“ кадри врз основа на лојалност, а не на стручност и интегритет – создава систем во кој очекувањето за возвратна услуга станува тивка, но силна валута.
Во таква средина, правосудните одлуки тешко можат да останат целосно независни.
Какви пораки испраќа неказнивоста до граѓаните, особено до младите?
– Најопасната последица од неказнивоста е нормализирање на неправдата. Кај младите се создава впечаток дека успехот не доаѓа преку знаење и труд, туку преку врски и политичка припадност. Кога граѓаните не се пронаоѓаат во ваквиот концепт, тие или избираат да се иселат од државата или стануваат апатични и одлучуваат да не партиципираат во општествениот живот.
Од друга страна, неказнивоста може да делува и стимулативно: граѓаните и младите, соочени со фактот дека без посериозни последици можат преку криминал и корупција да дојдат до материјален бенефит и удобен живот, може да го прифатат ваквото однесување како формула за успех.
И двете состојби се погубни за градење на здраво и просперитетно општество. Општество во кое младите не веруваат во правичноста на системот е општество што ја губи својата иднина.

Што треба да се промени за владеењето на правото да стане реалност, а не декларација?
– За мене, владеењето на правото станува реалност тогаш кога интегритетот престанува да биде само збор во стратегии и кодекси, а станува секојдневна професионална пракса. Токму затоа сметам дека една од најважните промени е напуштањето на конформизмот и опортунизмот – на удобното прилагодување и молчење пред неправдите – и враќањето кон основните вредности на професионалност, знаење и трудољубивост.
Клучно е и подигањето на свесноста на општата јавност. Работата во јавен интерес не е обврска само на носителите на јавни функции, туку и на тие што го креираат јавното мислење. Новинарите, аналитичарите, универзитетските професори и сите што го обликуваат јавното мислење имаат важна улога во создавање општество каде владеењето на правото е секојдневие. Истовремено, мора да постои подготвеност и критички да се преиспитуваат општествените авторитети, затоа што ниедна сфера не е имуна на ризикот од корупција.
Промените, сепак, мора да започнат од највисоките позиции. Свесноста за одговорност и примерот што го даваат носителите на моќ се пренесуваат од врвот надолу. Ако оние што раководат не ги живеат принципите што ги проповедаат, тешко може да се очекува дека тие принципи ќе се вкоренат во целото општество.
Како правниот систем може подобро да ги заштити јавниот интерес и ранливите групи? И каде е местото на жените?
– За мене, заштитата на јавниот интерес започнува таму каде што личниот интерес престанува да биде водилка. Таа често подразбира носење тешки одлуки, преземање ризици и понекогаш лични жртви – затоа што јавниот интерес е највисоката цел од која треба да се раководи секој носител на јавна функција. Јас го доживувам тоа како форма на најдлабок патриотизам: да се работи чесно, професионално и храбро за доброто на сите, дури и кога тоа не е најлесниот пат.
Кога зборуваме за ранливи групи, не мислам само на формално дефинирани категории. За мене, тоа се сите граѓани кои секојдневно го чувствуваат падот на квалитетот на животот поради неказнивоста и корупцијата – оние што се чувствуваат обесправени, маргинализирани или дискриминирани затоа што системот не реагира навреме и правично. Тука правниот систем мора да биде поосетлив, побрз и подостапен: преку ефективни механизми за заштита, поддршка за жртвите, пристап ориентиран на жртвата и јасни сигнали дека злоупотребите нема да се толерираат.
Во тој контекст, и прашањето за местото на жените во системот е дел од пошироката слика за еднаквост и интегритет. Моето лично искуство ме научи дека институционалната борба против дискриминацијата, иако не секогаш носи непосредни лични резултати, може да придонесе кон пошироки промени. Понекогаш токму тие процеси отвораат простор работата и професионалноста да бидат вреднувани без оглед на животните околности – и тоа се поместувања што вреди да се охрабруваат.
Верувам дека систем во кој жените имаат еднакви можности за напредување, во кој породилното отсуство не се доживува како пречка, туку се цени претходниот труд и квалитетот на работата, е систем што станува посилен, поправеден и поотпорен на корупција. На крајот, заштитата на јавниот интерес и достоинството на секој граѓанин одат рака под рака – и токму таму се мери зрелоста на општеството.

Собранието на предлог на пратеници од ВМРО-ДПМНЕ донесе нови измени на Кривичниот законик (КЗ). Дали овие измени наговестуваат нова скриена амнестија за функционерите и дополнително врзување на рацете на органите за прогон?
–Во вакви чувствителни прашања, за мене не е клучно кој ги предлага измените, туку какви правни последици тие произведуваат во пракса. Кривичниот законик е еден од најважните инструменти за борба против корупцијата и секоја негова измена мора да се оценува исклучиво според тоа дали ја зајакнува или ја ослабува можноста за ефективно гонење и заштита на јавниот интерес.
Кога се предлагаат решенија што водат кон намалување на казните, скратување на роковите на застарување, стеснување на кривичната одговорност или изземање на одредени категории од одговорност, објективно се создава ризик од де факто амнестија за дел од сторителите, без оглед дали таа е експлицитно спомената или произлегува како последица од законската техника.
Во оваа смисла, тешко може да се игнорира леснотијата со која законодавниот дом во континуитет носи законски решенија што стимулираат неказнивост и корупција на штета на јавниот интерес и владеењето на правото.

Во измените на КЗ е предвидено враќање на клучниот член 353 став 5, поврзан со злоупотреби при јавните набавки. Сепак, критиките се дека со предвидениот член злоупотребите на државните средства во јавните набавки нема да можат да се санкционираат. Можете ли да појасните зошто предвидениот член ќе биде нефункционален во пракса?
– Проблемот не е во самата идеја да се санкционираат злоупотребите во јавните набавки, туку во тоа како е формулирана инкриминацијата. Во кривичното право, секој елемент од делото мора да биде прецизно и функционално поставен за да може да се применува во реални случаи. Кога законската одредба е премногу тесна или опфаќа само одредени фази од постапката, се создаваат правни празнини поради кои сериозни злоупотреби можат да останат несанкционирани.
Во конкретниот случај, се предвидува кривично гонење само за однесувања поврзани со одредени сегменти од постапката за јавни набавки, додека други типични злоупотреби – како прилагодување на тендерските услови за однапред избран понудувач, фаворизирање фирми, склучување договори без реална потреба, толерирање незаконитости при реализацијата или злоупотреба на буџетски средства по склучување на договорот – остануваат надвор од опфатот на кривичната норма.
Дополнително, ограничувањето на поимот „корист“ исклучиво на имотна корист го стеснува просторот за гонење на случаи каде што корупцијата се манифестира преку влијание, позиционирање или други нематеријални придобивки, кои во пракса често се клучниот мотив за злоупотреба.
Прашање е и дали со висината на предвидените казни се обезбедува доволен одвраќачки ефект и доволно долги рокови за застарување, особено кај сложени предмети што се откриваат по подолг временски период. Ако тие рокови се кратки, постои реален ризик постапките да не можат да се завршат пред настапување на застареност.
Сето ова во практика може да доведе до ситуација во која формално постои кривично дело, но неговата применливост е ограничена, а органите за прогон се соочуваат со тесна законска рамка што не ги опфаќа најтипичните и најштетните форми на злоупотреба на јавните средства.
Токму затоа ваквите одредби мора да се анализираат внимателно и да се формулираат така што навистина ќе овозможат ефективно гонење, а не само формално да создадат впечаток дека проблемот е решен.
Прочитајте повеќе на оваа тема
Еколошката правда сè уште недостижна: Корупцијата екстремно ни го дозагади воздухот!
Одговорете на прашалник
Корупцијата не е бројка – тоа е човечка цена: повик за анонимни сведоштва и искуства
