Доза вести

Лето со македонски автори во „Антолог“

Време на читање: 2 минути

Издавачката куќа „Антолог“ следните неколку недели ќе ги посвети на зголемена промоција на домашни автори и дела од сите жанрови и видови (проза, поезија, книжевност за деца, специјални изданија). Акцијата е дел од долгогодишниот ангажман во актуелизирање на интересот за македонската литература и подигнување на свесноста за домашните автори, кој сега добива една сосема поинаква димензија.

– Летото е пред нас, а годишните одмори се асоцијација на време поминато со книга. Нашата цел, преку активностите што следат, е уште позасилено да го привлечеме вниманието кон домашниот автор, за секој на својот список книги ова лето да допише и по некој таков наслов. Отсекогаш сме ги поддржувале и охрабрувале македонските писатели чии дела се вредни за читање. Низ годините нашите автори го добиле соодветното внимание, биле наградувани од критиката, а нивните книги доживувале нови изданија и тиражи. Секогаш сме тука да ги поттикнеме читателите да се решат за книги од македонската литература, затоа постојано оддржуваме промоции, настани, средби со писателите, сè со цел и овие книги да си го добијат своето заслужено место во библиотеките, како на нашите читатели, така и на јавните установи – велат од „Антолог“.

Во рамки на акцијата во текот на оваа недела од печат ќе излезат четири нови реизданија, и тоа:

*Скриени желби, немирни патувања (II издание) од Владимир Јанковски, роман што ја доби наградата „Роман на годината“ за 2020 година и беше македонски кандидат за „Балканика“ и наградата за литература на Европската Унија,
*Виенски гамбит (III издание) – Анде Јанков, првиот автор на крими серијал во Македонија,
*Нека играат децата (IV издание) – Денис Бојаров, добитник на наградата „Планетопија“ за 2020 година,
*Идол на ѕидот (II издание) – Елена Филиповска, инаку една од највизионерските претстави за Скопје во македонската книжевност.

Меѓу авторите чии дела ја одбележаа македонската литература во минатите неколку години, а кои исто така ќе бидат дел од оваа акција се и:

*Жарко Кујунџиски со Сфинга на гневот (II издание), една од најчитаните книги, македонски кандидат за наградата „Балканика“ 2021
*Дијана Петрова – Не правете им сенка на гробовите (II издание)
*Катерина Шошко – Случајот Чернобог (II издание)
*Марта Димитров – Шардоне и шпагети карбонара (II издание)
*Јасна Котеска – Санитарна енигма (II издание) и Комунистичка интима (II издание)
и други.

– Заедничко за сите овие дела и автори е што тие веќе го имаат освоено интересот на читателите и низ годините доживеале нови тиражи, што е и најголема награда за секој писател: интересот на публиката. Периодот ќе го заокружиме со најава на четири нови дела од наши автори: Свадбите на ежињата од Александар Кујунџиски, Планино, убавице! од Вера Лилчиќ, Доберос од Цоне Крстевски, како и Крунски панагон од Горан Тренчовски, велат од „Антолог“.

До 22 јули во книжарниците на „Антолог“ секој што ќе купи две книги од македонски автори, ќе ја добие третата гратис.

Напишете коментар