Продавачите на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, на својата публика, преку акцијата „Лето со Лице в лице“, ќе ѝ понудат две списанија по цена од едно. Побрзајте, одберете, пријатно читање
На почетокот од овој месец, кога се во ек летните горештини и одмори, ја стартуваме акцијата „Лето со Лице в лице“, во која граѓаните кои пропуштиле некое издание на списанието за одржлив развој, сега ќе имаат можност да купат два броја по цена за еден.
Оваа летна активност е и дополнителна поддршка за продавачите на „Лице в лице“, а претставува и мост до нивниот следен ангажман со продажбата на новото издание кое го подготвуваме за крајот на месецов.
Меѓу броевите ќе ги сретнете оние кои во фокус ги имаат бенефитите од заедничко кокреирање на иднината, предизвиците и потребите на современото образование, предностите на руралниот туризам, чистиот воздух, и многу други теми.
За продавачот Кристијан Пешевски Кико, летото е период кога е активен, ама со различен распоред, прилагоден на високите температури.
– Сега почесто одам приквечер, кога малку ќе стивне жешкото. Уличната продажба не е лесна. Би сакал луѓето да имаат повеќе разбирање за нас и дури и доколку не сакаат да купат списание, барем да си помуабетиме малку, мене и тоа ми значи. Најчесто продавам во Дебар Маало, на плоштад и во „Лептокарија“. Но, знам да поминам и низ други населби. Јас ова си го сфатив како работа, па сум свесен дека колку подолго ќе се задржам, толку е подобро за мене затоа што ќе продадам повеќе списанија, а тоа значи поголема заработка, вели Кико, чија приказна за промените кои му се случуваат со „Лице в лице“, ќе може да ја читате во новото 53. издание.
Социјалната менторка и координаторка на продажба на „Лице в лице“, Магдалена Чадиноска Кузманоски, вели дека ова е период кога продавачите се послободни, но, имаат потреба од дополнителен ангажман и затоа оваа акција би било одлично доколку биде препозната и поддржана и од граѓаните.
– Летните месеци асоцираат на плажа, сонце, вода, авантура и многу читање. Нашите продавачи пак, летните месеци ги асоцираат на полните дебармаалски улици. Поттикнати од убаво време, тие се всушност и најактивни овие месеци. Па така, додека го спремаме новиот број на „Лице в лице“, одлучивме да ја повториме минатогодинешната акција, која лани наиде на радост на нашата верна поддржувачка публика. Имено, и ова лето по цена на едно списание, купувачите ќе имаат можност да добијат две списанија. Ова е супер можност, за оние кои пропуштиле некое наше издание, да го препрочитаат, или пак, да се потсетат на темите во „Лице в лице“, а кои секогаш се едукативни. И секако, со купување на Лице в лице списание граѓаните директно го поддржуваат процесот на работна интеграција на нашите продавачи, вели Чадиноска Кузманоски.
Новиот број на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, излегува на крајот од јули, а во фокус ќе ги има бизнисите и потребата нова работна сила.
Се читаме 🙂
Убаво лето!