Доза вести, ЗЕНици

„Лице в лице“ одржа две активности за Денот на добри дела

Време на читање: 2 минути

Многу смеење, снимање рилчиња, позирање за фотка со најдобар агол, неколку селфиња, разговори, дружби и гоооолема поддршка!
Вака накусо би можеле да ги опишеме двете волонтерски акции кои вклучија волонтери од нашата волонтерска група „ЗЕНици“ и продавачки на „Лице в лице“, Платформата за одржлив развој се вклучи во глобалнoто одбележување Ден на добри дела.
Двете дружби се одржаа во Скопје, со продавачките Анабела Мередиева и Гордана Малинова, и со волонтерите Евгенија Маслинко, Марија Зотиќ, Теодора Мијакоска и Дончо Јанкула.

– Супер си поминавме! Анабела и Горде се полни со позитивна енергија која се пренесува на сите околу нив. Се дружевме и си разговаравме. Тие ни споделија интересни искуства и колку сѐ научиле додека продавале „Лице в лице“ – вели Теодора.
Таа сподели и дека добила совет од Горде:
– Најдобрата лекција што ми ја кажа Горде е дека, за да бидеш среќен не е потребно многу. Горде  на сите луѓе им препорачува да бидат среќни – сподели Теодора.
Марија пак, ни изјави дека за неа ова искуство било интересен начин да придонесе кон иницијативата „Ден на добри дела“
– Имавме забавна дружба со Горде и со Анабела. Имавме можност да научиме повеќе за нивните интереси како пеењето и готвењето и најважно од сè, нивната желба да придонесуваат на општеството преку добри дела – сподели Марија.

Денот на добри дела во земјава го координира нашата партнерска организција Младински културен центар-Битола (МКЦ-Битола), која го иницираше и го организира ова одбележување втора година по ред, со различни активности. Иницијативата промовира солидарност, волонтерство и помагање на ранливите и маргинализираните групи во општеството преку директно вклучување на волонтерите во правењето добро во нивните локални заедници.



Денот на добри дела е меѓународен ден на волонтерска и хуманитарна работа што започнал да се прославува од 2007 година, како иницијатива на непрофитна организација и има за цел да ги обедини луѓето од целиот свет да прават добри дела за другите жители на планетата.
Беа вклучени над 4,5 милиони учесници, во 115 земји. Повеќе информации на глобалната веб страна.

Напишете коментар