„Лице в лице“ интервју со Јованка Тренчевска, министерка за труд и социјална политика: Со социјалното менторство како партнер претпријатијата добиваат мотивирана и квалитетна работна сила
Улогата на социјалното менторство е значајна во нашата борба против социјалната исклученост и определувањето на потребите на бизнисот. Овој пристап опфаќа алатки што им овозможуваат на тешковработливите лица да ги препознаат своите силни страни, да бидат мотивирани и храбри да се вклучат на пазарот на труд, но, клучно – и да се задржат таму
Земјава се соочува со недостиг од работна сила. Од друга страна, голем е и бројот на долгорочно невработено и неактивно население, чиишто потенцијали, иако му се потребни на бизнис-секторот, не се користат и не се развиваат. Каков одговор ќе даде државата, како ќе се премостува јазот меѓу социјалната исклученост и отворениот пазар на труд?
Будно ја следиме состојбата на терен и во континуитет создаваме програми и мерки за вклучување на неактивните работоспособни граѓани на пазарот на труд. Зголемена е финансиската поддршка за Оперативниот план за 2023 година, кој сега изнесува 32 милиони евра, а вкупниот опфат на невработени лица е 18.000 и е за 20 отсто поголем од минатогодишниот. Целта е да ги поттикнеме младите и другите групи невработени лица да се вработат и да имаат достоинствени работни места. Го зголемивме и опфатот на лица со мерката самовработување со доделување грант на 2.078 невработени лица. Имајќи ја предвид атрактивноста, посебно за младите лица, и можностите што ги нуди ИТ секторот (брзо вработување, почетна висока плата, одржливост на вработувања), оваа година за обуки за развој на напредни дигитални вештини се одвои речиси двојно повеќе средства и се опфатени 805 лица.
Во Гаранцијата за млади, пак, лани беа вклучени 20.185 млади невработени лица (10.316 жени) од кои 7.419 се вработиле, а 1.287 лица биле дел од активните мерки за вработување насочени кон можноста за вработување на младите.
Свесни сме за интензивните и континуирани промени на пазарот на труд, за потребата од нови вештини, како и за потребите на бизнис-секторот. Во оваа состојба не постои друг избор, освен да бидеме поотворени за иновации и примена на нови методи и пристап за да го активираме неактивното и долгорочно невработено население. Оваа година работиме посветено на активација на секој корисник на системот на социјална заштита на пазарот на труд. Повиците од бизнис-секторот за недостиг од вработени, но и бројот на лица што се дел од системот на социјална заштита беше мотив во партнерство со Светска банка и други меѓународни партнери да почнеме со спроведување различни видови мерки на кои крајна цел им е интеграција на пазарот на труд на маргинализирани граѓани.
Успешната реализација на процесот на социјално менторство на различни граѓани во изминатиот период нѐ поттикна да размислуваме дека токму тоа е алатката што му е потребна на системот за да ги активира сите тие граѓани што долгорочно се дел од системот на социјална заштита, а преку нивната активација да се задоволат и потребите на компаниите од нов кадар.
Сметате ли дека оваа работна сила може да одговори на потребите на бизнис-секторот? А, и што ќе ја мотивира оваа работна сила да влезе и да се задржи на пазарот на трудот?
Уверена сум дека токму неактивните граѓани што долгорочно се дел од системот на социјална заштита се тие што се потребни на пазарот на труд и се одговор на барањата на бизнис-секторот. Свесни сме за трансгенерацискиот пренос на неактивноста во одредени семејства, за оддалеченоста од пазарот на труд, недоволното образование и ова бара реална посветеност и вклученост во активацијата на овие наши сограѓани. Европскиот систем на вредности кон кои тежнееме гради општество што се потпира на квалитетот на секој поединец. Забрзаната вклученост и искористување на потенцијалите се приоритети на кои ќе се посветиме следниот период. Социјалната заштита не е само финансиска придобивка што ја даваме за обезбедување поддршка. Тоа е и систем на охрабрување и мотивирање, на водење и вклучување во општествените и социјални текови на секој од нашите граѓани. Токму во овој процес во изминатиот период го идентификувавме социјалното менторство како методологија со која успешно вклучуваме на пазарот на труд граѓани од различни ранливи категории.
Улогата на социјалното менторство е навистина значајна во нашата борба против социјалната исклученост и определувањето на потребите на бизнисот. Овој пристап опфаќа алатки што им овозможуваат на тешковработливите луѓе да ги препознаат своите силни страни, да бидат мотивирани и охрабрени да се вклучат на пазарот на труд, но, клучно – и да се задржат таму.
Улогата на социјалните ментори е да бидат партнери на компаниите и на институциите во процесот на интеграција на ранливите на пазарот на трудот. Но, пред сѐ, тие се партнери на оние што имаат потреба од поддршка при работна интеграција и тие се нивна поддршка и откако ќе влезат на пазарот на труд. Дел од методологијата е и активацијата на ментор за професионална интеграција, лице вработено во компанијата што е задолжено за ориентација и за вклучување на лицата во работниот процес.
Колку ќе биде успешна интеграцијата зависи од подготовката на лицето и од изборот на работно место во согласност со неговите афинитети и капацитети, но зависи и од бизнисот – колку неговата работна култура е инклузивна, колку поддржува, колку е отворена за различности. Претпријатијата што ќе гледаат во капацитетите, место во ранливоста на лицето, сигурно дека ќе имаат успешна работна интеграција што е и основа за градење лојални и ефикасни вработени. А капацитетите на овие лица се откривани низ темелен процес и со тој капацитет можат да одговорат на потребите на конкретно дефинирана работна позиција.
Успехот на вклучувањето и на задржувањето долгорочно невработена работна сила подразбира активирање на повеќе страни. Како овде ја гледате улогата на водителите на случај во центрите за социјална работа? Како, пак, Агенцијата за вработување може да биде во служба на одржливи решенија за овој проблем?
Неопходна е синхронизација на повеќе актери за да имаме успешен процес. Очекуваме темелниот пристап што го градиме да направи разлика и да донесе одржливи вработувања. Работата на водителите на случај е основата на успешно завршен процес на социјално менторство. Тука е важна и Агенцијата за вработување преку добро комбинирање на активните мерки со социјалното менторство, а социјалниот ментор ги поврзува сите актери.
Неговата улога е комплексна, тој е одличен познавач и на системот за социјална заштита и на потребите и предизвиците на лицата што тешко можат да се вработат, но и на потребите и предизвиците на бизнис-секторот.
Методологијата за работа се реализира според верификувана програма од страна на Центарот за образование на возрасни и Министерството за образование.
Оваа верификувана програма учи на холистички пристап на дејствување, отвореност, активно слушање, градење релации и тежнеење кон спојување на улогите на трите сектори – јавен, приватен, граѓански во создавањето услови за инклузивни работни места. Токму оваа програма е јасен показател за партнерството, кое институциите треба да го имаат со граѓанските организации и заедно да спроведуваат чекори што го подобруваат животот на секој граѓанин.
Но, оваа програма гарантира и еднаквост на сите категории, еднаков пристап до пазарот на труд, до ресурсите што им се на располагање и до алатките за подобрување на сопствениот живот. И кога велам еднаквост, мислам на засилување на жените и создавање услови на економска независност, која ќе им биде штит во борбата за развој, но и во борбата за спречување и за соочување со семејното и родово базираното насилство.
Социјалното менторство не е само методологија за интеграција на пазарот на труд на тешковработливите лица. Тоа е и еден нов пристап, нова професија, професија на иднината, која верувам дека ќе биде сè попосакувана од младите, кои како социјални ментори ќе имаат можност да го менуваат духот на општеството и да придонесуваат во развојот на економијата.
Дали и колку бизнисот е подготвен за пристап што подразбира инклузивни работни места, инклузивно лидерство? Сè повеќе компании во Европа се посветени на создавање планови за различност и инклузија што овозможува да станат посакувани работодавци каде што работната сила се задржува. До каде сме ние во врска со ова прашање?
Сè повеќе етаблирани компании развиваат свои стратегии за да бидат поатрактивни за пошироката заедница од која може да вклучат и мобилизираат човечки капитал. Голем дел од странските компании што се дел од економскиот живот во земјава веќе го препознаваат елементот на инклузија и социјална интеграција во својата политика. Тоа е за поздрав и за почит и покажува колкава моќ има заедницата, доколку покаже грижа еден за друг.
Што се однесува на долгорочно невработените лица, МТСП влијае врз намалување на невработеноста. Подготвуваме законски решенија, кои, покрај тоа што ќе влијаат на намалување на невработеноста, ќе влијаат и на градењето социјални вештини и инклузија на лицата што се долгорочно невработени и се, практично, на маргините на општеството. Со проект на ИПА, изминатите две години, МТСП вложи во засилување на капацитетите на веќе постојните социјални претпријатија, како и за обезбедување правна регулатива за социјални претпријатија.
Во размена на добра практика со Република Полска, изработивме предлог-закон за социјални претпријатија, кој е во завршна фаза. Оваа форма не е непозната за Европа, а ниту кај нас имајќи предвид дека Националната стратегија за социјални претпријатија беше изработена од страна на МТСП, заедно со партнерите Швајцарската агенција за развој и соработка, Програмата за развој на Обединетите нации и „Паблик“.
Ваквото законско решение ќе биде одговор на процентот на невработени лица, кои, освен со работни навики, треба да ги засилуваме и во комуникацијата, социјализацијата и во други животни вештини.
Имаме позитивна законска рамка во борбата против дискриминација, вклучувајќи и дискриминација на пазарот на трудот. Инклузивниот пазар на труд, пак, како приоритет е предвиден во новата Програма за достоинствена работа, во Националната стратегија за вработување, додека развојот на човечкиот капитал е предвиден во сите тековни владини програми.
Согледуваме дека компаниите низ Европа се сè понасочени кон благосостојбата на вработените, дека користат алатки за оптимално искористување на потенцијалот на вработените, особено кога новите вработени имаат ограничен сет вештини, но тие се важни за компанијата. Согледуваме и дека инклузијата и различноста стануваат приоритет зашто се основа за лојална и ефикасна работна сила. И компаниите кај нас како да стануваат посвесни за потребата од инклузивни работни места и инклузивно лидерство. Верувам дека преку примената на социјалното менторство ќе се отворат и нови можности за учење и за практикување инклузивна работна култура.
Што би го мотивирало бизнис-секторот да ги зголеми инвестициите во развојот на човечкиот капитал и да стане клучен партнер на јавните институции во развојот и во промовирањето инклузивен и ефективен пазар на труд?
Бизнисот е заинтересиран за резултати и тоа не можеме да го занемариме. Профитот е тоа што ја движи компанијата напред и обезбедува квалитетни работни места. Нашите заложби се во насока јасно да им покажеме на претпријатијата дека сме дел од ист процес и важно ни е тие да ги видат придобивките од создавање инклузивен пазар на труд – добивање мотивирана, квалитетна, одговорна работна сила.
Овде од големо значење е и дуалното образование, при што компаниите ги подготвуваат своите идни вработени во согласност со своите потреби. Ако во дуалното образование во 2020 / 21 година учествувале 16 компании, сега се повеќе од 450. Работодавците ја добиваат потребната квалификувана работна сила, а младите лица веднаш по завршување на средното стручно образование се вклучуваат во реалниот сектор. Од оваа година се вклучуваат и долгорочно невработените лица, со низок степен на образование. Во сите мерки што се однесуваат на обуки од Оперативниот план, вклучени се лицата со завршено минимум основно образование. При создавањето на мерките од Оперативниот план беа вклучени компаниите, ТИР зоните, организациите на работодавци, стопанските комори. За нив е важно да се обезбеди работна сила, па покрај обуките, во рамки на своите компании да го доквалификуваат кадарот според нивните потреби.
Нагласувам дека младите се мојот приоритет. Тие ги имаат иновацијата, енергијата и посветеноста, а токму тоа ни е потребно нам како држава. Интензивно сме на терен со кампањата „Остави трага“ на која преку лични приказни се мотивираме и поврзуваме, се охрабруваме за успех. Кампањата, приказните што ги слушам од младите, тоа што ги мотивирало, но и што може да ги поддржи, ќе бидат темел на нашите следни активности.
Подготви: Тим на „Лице в лице“
Изданието на „Лице в лице“ бр. 53, освен преку продавачите, може да се набави и преку веб продавница, достапна на линкот.