Доза вести, Лице в лице тема

Луѓе за работа има, уште да им ги засилиме вештините

Соочени со веќе хроничен дефицит на работна сила, претпријатијата бараат решенија. Додека 2023 година е прогласена за европска година на вештини, „Лице в лице“ дава докажани предлози, кои гарантираат придобивки за бизнисот, не само во делот вклученост и различност

Маја Раванска
Анета Ристеска

Без разлика дали по сопствен избор или поради некоја друга потреба, луѓето во светот менуваат работни места многу почесто отколку во изминатите години. Меѓународната организација на трудот (МОТ) објавува податок дека, на глобално ниво, работниците ги менуваат работните места во просек три до пет пати во текот на нивната кариера, а во некои земји бројката може да биде и повеќе од двојно поголема.
„Многу земји имаат недостиг од луѓе со вештини бидејќи технологијата ги трансформира задачите, работните места и вештините што се неопходни“, наведува МОТ.

Недостигот од работна сила влијае на нарушување на економијата со тоа што го влошува тесното грло во снабдувањето и предизвикува зголемување на инфлацијата.Светскиот економски форум посочува на тенденцијата на овој веќе хроничен недостиг да биде концентриран во индустрии што се карактеризираат со ниско платени и со ниско квалификувани работни места. Студија за миграциите на работната сила од шесте земји од Западен Балкан, која ја изработи Организацијата за економска соработка и развој (ОЕСР), укажува дека интервенциите во однос на јавната политика треба да се однесуваат на поттикнување приспособливи работни места, тренинзи и соодветна плата за да може да помогнат да се реши недостигот од работна сила, истовремено поттикнувајќи ги економскиот пораст и социјалната мобилност.

Секој петти човек од Балканот е иселен

Стапката на иселување на земјите од Западен Балкан (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) е зголемена за 10 проценти во изминатава декада.
„Една петтина од популацијата на овие земји живее во странство. Бавното темпо на спојувањето, како и големиот јаз во однос на европските земји, продолжува да ги охрабрува луѓето од  Западен Балкан да бараат вработување и образовни можности надвор од регионот“, е наведено во студијата.
Ваквото високо ниво на емиграција е предизвик за целото општество. Повеќе сектори (текстилната, градежната, прехранбената индустрија…) веќе се соочуваат со недостиг од квалификувана работна сила.
Последиците се намалување на БДП, помали приноси кон фондот за пензиско и здравствено осигурување, опаѓање на економијата, но, како што укажува  Организацијата за економска соработка и развој, и кон помалку инвестиции затоа што нема доволно вештини што им се потребни на инвеститорите за да вложат.

Што правиме со стотици илјади невработени?

Додека едни ги осудуваат сите што се иселуваат, а други едвај ја чекаат својата шанса за подобар живот во Европа и во светот, стигаа и изјави од политичари дека ако сакаме економски пораст, ќе мора да увезуваме работници. Реакцијата на синдикатите, пак, беше против ова посочувајќи на повеќе од 110.000 невработени жители.
МОТ укажува дека секому му е потребна поддршка во соочување со околностите на пазарот на труд. Посочува и дека на работниците им треба поддршка за наоѓање работно место, за градење вештини, но и:
„На работодавците често им е потребна помош за наоѓање и регрутирање луѓе со специфични вештини, како и за преквалификација на постојниот кадар. Ова им овозможува да се соочат со економските и со секторските промени, кои влијаат на нивните претпријатија. На владите им требаат начини за засилување на бизнисот, вработувањето и на нивната економија, преку создавање сигурни извори на информации за пазарот на трудот, усогласување на барателите на работа со можностите, развивање вештини во работната сила и охрабрување на транзиција кон сектори и занимања со висок потенцијал за вработување.“

    Без да нуркаме во причините за намалување на понудата на пазарот на труд, гледаме кон решенијата. Стотици илјади граѓани остануваат надвор од пазарот на труд, не им се користи потенцијалот и тие место да придонесуваат за системот, остануваат негов товар. Доколку се насочиме кон активација, услуги за поддршка, холистички пристап и партнерство меѓу понудата, побарувачката и институционалните можности, како и решенија што се засноваат на податоци, сигурно ќе влијаеме кон намалување на јазот што го ослабнува нашето општество.Едно од можните решенија во земјава е социјалната иновација на Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ – менторство за работна интеграција, или социјално менторство, која има цел да ја олесни интеграцијата на пазарот на трудот и со тоа значително да влијае на создавањето инклузивни работни места.
– Со својот холистички пристап преку добро обучени социјални ментори, социјалното менторство овозможува лица што се подолго време надвор од пазарот на труд да бидат активирани и во согласност со нивните афинитети, силни страни и капацитети да бидат вклучени на работно место каде што ќе можат да го дадат својот максимален потенцијал. Методологијата подразбира и подготовка на бизнисот за создавање инклузивна работна култура, инклузивни работни места и развој на инклузивно лидерство, кое на долг рок создава полојални и поефикасни вработени – вели Климентина Илијевски, извршна директорка на „Паблик“.

Ако го работиш тоа што го сакаш, работата е задоволство

На таква позиција, создадена со инклузивен предзнак, од неодамна се наоѓа и Н.К. За овие неколку месеци, колку што е на работа, вели дека ја гледа промената.
– Порано се чудев кога луѓето велеа дека со задоволство одат на работа. Секогаш си мислев дека на работа се оди затоа што така мора, но сега сфатив дека ако го одбереш тоа што, навистина, го сакаш, тогаш работата станува задоволство. Токму поради ова сум и најзадоволен од работата со мојата менторка за социјална интеграција затоа што таа ми помогна да сфатам дека треба да излезам од мојата удобна зона, да се обидам да поставам повисоки цели и да преземам поинакви работни задачи, а, сепак, да останам во областа што ја сакав, а тоа е угостителството. Отсекогаш сакав да зготвам нешто дома, но не верував и не можев да се видам дека некогаш можам да работам во кујна како готвач – вели К.Н, кој сега е вработен во еден скопски ресторан.
Со поддршка и со вистински насоки од неговата менторка, добил соодветна обука на работното место и клучни насоки.
– Бев многу добро примен од колегите. Со ваква поддршка секој млад човек може да успее. Јас да не се вклучев во програмата менторство за работна интеграција, сигурен сум дека сè уште ќе работев како келнер во локални кафулиња. Сега се здобив со многу вештини, таму каде што и најмногу сакав, во кујната. Сега ова знаење можам да го искористам во животот многу повеќе. Ова искуство ја одреди и мојата идна кариера. На сите млади луѓе, кои сè уште лутаат професионално, работата со ментор ќе им дојде навистина добро – нагласува Н.К.

Според неговата менторка, Магдалена Чадиноска-Кузманоски, лицето со кое се работи добива директна поддршка за личен и професионален развој, со тоа што преку разни алатки се работи на препознавање и унапредување на одредени вештини, подобра професионална ориентација и директна поддршка за задржување на работното место.
Таа додава и дека од искуството во работата со Н.К. се потврдува дека овој пристап на работа има придобивка за двете страни – бизнисот и работникот.
– Бизнисот не само што добива мотивиран работник, туку на располагање има и стручен работник, кој станува мост меѓу работникот и работодавецот. Во нашиот пристап, менторот никогаш не е повеќе на едната страна. Низ едукацијата научивме секогаш реално да ги согледуваме работите. Без разлика што ние работиме со лицето, мора да бидеме искрени и отворени и кон бизнисот и да гледаме и која е нивната придобивка. Насочени сме кон градење партнерства, а тие се градат само со ваков искрен и холистички пристап – вели Чадиноска-Кузманоски.

Вештините во костец со промените

Земјите со низок и среден приход продолжуваат да забележуваат поголема невработеност, забележува Светскиот економски форум, во Извештајот за иднината на работните места за 2023 година, каде што истражува како работните места и вештините ќе се развиваат во текот на следните пет години. Извештајот посочува и дека работниците со основно образование и жените се соочуваат со пониски нивоа на вработеност. Реалните плати се намалуваат поради тековната криза на трошоците за живот, а променливите очекувања на работниците и загриженоста за квалитетот на работата стануваат сè позначајни прашања на глобално ниво.
Работодавците проценуваат дека во следните пет години, 44 проценти од вештините на работниците ќе бидат доведени во прашање. Забележано е дека когнитивните вештини најбрзо ја зголемуваат својата важност. Ова е одраз на потребата од сложеното решавање проблеми на работното место. Анкетираните претпријатија известуваат дека креативното размислување расте малку побрзо од аналитичкото размислување. Технолошката писменост е третата по ред основна вештина според порастот. Вештините за самоефикасност се рангираат над работата со други, во стапката на зголемување на важноста на вештините пријавени од страна на претпријатијата.
Социо-емоционалните ставови, за кои претпријатијата сметаат дека најбрзо стануваат поважни, се љубопитноста и доживотното учење, приспособливоста и агилноста, мотивацијата и самосвеста. Системското размислување, вештачката интелигенција и големите податоци, управувањето талент и ориентацијата кон услугите за клиенти ги комплетираат првите 10 растечки вештини.

Наодите на Светскиот економски форум се и дека шест од 10 работници ќе бараат обука пред 2027 година, но само една половина од работниците денес имаат пристап до соодветни можности за обука. Највисок приоритет за обука за вештини е аналитичкото размислување. Вториот приоритет за развој на работната сила е промовирање на креативното размислување. Обуката на работниците за користење на вештачката интелигенција и големите податоци е на третото место. Работодавците, исто така, планираат да се фокусираат на развивање на вештините на работниците за лидерство и општествено влијание, приспособливост, агилност, љубопитност и доживотно учење. Две третини од компаниите очекуваат да видат поврат на инвестицијата за обука за вештини во рок од една година од инвестицијата, без разлика дали е тоа во форма на зголемена мобилност меѓу улогите, зголемено задоволство на работниците или зголемена продуктивност на работниците.

Компанијата „Мелон“, која е дел од „Kin + Carta“ важи за бизнис што истакнува дека задржувањето на вработените и нивната мотивација се клучни фактори за нивниот успех.
– Покрај конкурентните плати, инвестираме во обука и во развој на нашите вработени. Нашиот фокус е на создавање поволни услови за работа. Нашата инклузивна работна средина промовира отворени разговори, почит и поддршка меѓу нашите вработени. Со станувањето дел од „Kin + Carta, ги здруживме силите за глобални и локални иницијативи за подигнување на свеста, едукација на нашите вработени и создавање атмосфера каде што секој може да биде своето автентично „јас“ и да ги прифати другите на ист начин. „Kin + Carta ја претстави програмата ИДЕА (Inclusion, Diversity, Equity and Awareness), која ги опфаќа правата на жените, различноста, менталното здравје, ЛГБТИ+, попреченост, сексуалното здравје, семејното насилство и здравјето на мажите. Со примена на оваа програма, имаме цел да го подобриме животот на нашето опкружување и пошироко. Нашата крајна цел е да поттикнеме позитивно и инклузивно работно место каде што секој вработен се чувствува прифатен и мотивиран за личен и професионален развој – вели Мартина Неданоска, специјалистка за создавање препознатлива марка на компанијата.

Работната култура на нашинците – пожелна за светот

Иновациите се поле во кое странци неретко наоѓаат квалификуван и соодветен кадар во земјава. Разговаравме со Елијав Родман, стручњак за маркетинг во стартап-компании и советник од Израел, кој македонската публика го знае и како еден од говорниците на последното издание на Форумот на добри компании. Тој зборува за неговото искуство со „Talkr“,  компанија со седиште во Лондон и Скопје, која вработува сè поголем број образовани и мотивирани луѓе низ Македонија за клиенти во стартапи.
– Сведок сум на зголемено чувство меѓу американските потрошувачи дека не ја добиваат потребната поддршка од работници од т.н. офшор земји со кои зборуваат на телефон кога имаат технички предизвик или проблем со нивната нарачка. Ваквата ситуација првенствено се должи на огромните културни разлики, како и на тоа што тие се држат цврсто до инструкциите од упатствата, што, пак, речиси доведува до чувство дека комуницираат со роботи. За мене е извонредно што тимовите од Северна Македонија (а истото важи и за целиот регион), имаат комбинација од образован интелект од Европа, силно владеење на англискиот јазик, како и мотивација работата да се заврши добро – споделува Родман.
Тој додава и дека забележал и извонредна заложба кон долгорочни ангажмани, често останувајќи во истата компанија со години.
– Ова е реткост во индустрии што се карактеризираат со висок обрт. Сето ова резултира со многу конкурентна понуда во глобалната сфера. Откако поминав извесно време во Скопје, постојано бев импресиониран од младиот македонски стартап-екосистем и од огромниот потенцијал што го отелотворува оваа генерација млади претприемачи – вели Родман.

Достоинствена работа за создавање работни места и за пораст на продуктивноста и на платите

МОТ, Владата, синдикатите и организациите на работодавци ја усвоија новата Национална програма за достоинствена работа, што ќе се спроведува до крајот на 2025 година. Создавање повеќе и подобри работни места, подобрени можности за вработување на младите жени и мажи, како и инклузивен пазар на труд преку натамошно унапредување на социјалниот дијалог, се клучните приоритети на чиешто остварување во наредните три години заеднички ќе продолжат да работат партнерите што го сочинуваат социјалниот дијалог.

Изданието на „Лице в лице“ бр. 53, освен преку продавачите, може да се набави и преку веб продавница, достапна на линкот.

Напишете коментар