Доза вести

Лице в лице со новата Земја – соочување: промоција за 40-тото издание

Интерактивна средба насловена „Лице в лице со новата Земја – соочување“,  ќе се случува на 23 јуни, од 15 до 17 часот, на платформата Zoom.
На средбата ќе разговараме за можните сценарија на развој на нашето опкружување, и светот воопшто, по соочувањето со пандемијата, на локално и глобално ниво.
Настанот е од отворен карактер и ќе може да го следите доколку се регистрирате на линков. 

Светот е сведок на момент на пауза, од кој можно е да се почне одново. Глобални настани, како почеток или крај на долга војна, државен преврат или природна непогода, се моменти во човечката историја што можат јасно да укажат дека претходната фаза во општествениот или економски развој завршува, а почнува нова. 

Наша цел преку овој настан е да се инспирираме од повеќе ставови за иднината со цел да ја кокреираме онаква каква што ја посакуваме. Гости говорници се Тамара Котевска, ко-режисерката на „Медена земја“, Олга Рајчиќ, ко-основачка на мобилната апликација „Челинџер“, Сергеј Георгиев, режисер на документарниот филм „Виа Динарика“, млади луѓе кои имаат поинаков светоглед, кои креираат, се движат, иновираат, кои влијаат на нашето заедничко, подобро „утре“. На нивната перспектива, преку интерактивна сесија, ќе се надоврзе и публиката.

Специјално за ова патување,  театарската група „Пресврт“, подготви видео нарација насловена „Рестарт“, која ќе биде прикажана премиерно, а чија цел е доближување на суштинските ставови на значајни светски имиња во поглед на насоката во која допрва ќе се движи светот.

Со овој настан го промовираме и 40-то издание на „Лице в лице“, посветено на бизнисите, лидерството, на институциите и на граѓаните од иднината. 

„Лице в лице“ е единственото улично списание кај нас и е едно од пионерските социјални претпријатија во земјава. Го продаваат ранливи сограѓани кои со овој работен ангажман се интегрираат во општеството, се влијае на нивната економска, но и социјална состојба. Еден број чини 100 денари, а половина е заработка за продавачот. 

Активноста е дел од проектот „Лице в лице“ со граѓаните, кој е поддржан со грант од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Sida) преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија” имплементиран од Канцеларијата на Обединетите Нации за проектни услуги (UNOPS). 

Напишете коментар