Љубов на чинија: „Вкусете го Охрид“ оваа сабота под ѕвездите и со мирис на босилек

Оваа сабота, 26-ти јули, Охрид ќе стане сцена на уникатно гастрономско доживување, кога ќе се одржи четвртото издание на летниот фестивал „Вкусете го Охрид“. Од 19 часот, на Долна Порта, со езерото во позадина и небо полно ѕвезди, љубителите на автентични вкусови ќе можат да уживаат во локална храна, вино, ракија и многу повеќе.
Организаторите, „Slow Food Ohrid“ најавуваат вечер исполнета со мириси на свежо печен леб, ладно цедени масла, традиционални макала и млечни деликатеси од производителите од сите конвивиуми на „Слоу Фуд Македонија“.
Настанот е повеќе од храна – тоа е прослава на занаетчиството, локалната култура и вкусот направен со љубов. Поддржи го локалното. Почитувај го домашното. Дојди, вкуси, раскажи! – велат организаторите.