Луѓето ме познаваат по униформата, тоа многу ме радува!
Секоја промена е чудна на почетокот, но прекрасна на крајот. Тоа помеѓу е зоната во која растеме. Ова е патот што го поминува и ранливиот сограѓанин кон целта да стане работно интегрирано лице што е економски и социјално засилено. Сте се прашале ли кои се продавачите на „Лице в лице“ надвор од униформата и зошто останале истрајни во процесот на работната интеграција?
Менторските средби што се специјално дизајнирани за продавачите на уличното списание се инспирација и поттик за да се постави токму ова прашање, да се роди љубопитноста за интересите, желбите и за нивните приказни, затоа што сите ние ги имаме.
На овој начин, со низа прашања и фотографии го претставуваме Алмир Мустафа, продавачот со харизма на која сите „паѓаме“! ☺
Алмир е продавач на списанието од 2015 година, со неколку паузи поради непредвидливоста на животот, но тој со неговата харизма и ненаметливост, тивко, а смело повторно освојува свои територии.
Татко е на три деца, Муксин (4 години ), Един (2 години) и Амин (5 месеци), а самиот вели дека партнерката Кадрие ја чува како вистинска кралица. И двајцата се трудат да бидат добри родители, кои ќе ги научат своите деца на вредности. На прашањето како би се опишал себеси, низ насмевка одговара:
– Ух, како да почнам… Најтешко ми е кога треба да зборувам. Добар човек сум, чесен, сакам да работам, ама не во политика. И, не лажам, освен тебе Ема, кога сум ти задоцнил на средбите за координација – почна да раскажува Алмир со доза трема, но и љубопитност за прашањата.
Го пренесуваме интересното патување низ кое го запознаваме Алмир, на поинаков начин.
Што би работел ако не беше продавач на „Лице в лице“?
– Ќе бев тоа што ме учеше вујко ми – молер. А ако ме прашаш зошто молер, затоа што сакам кога правам промена и кога од неуредно станува чисто и бело. Многу ја сакам промената.
Тешко ли е да се продава улично списание? Опиши го искуството.
– За мене воопшто не е тешко. Ме радуваа оваа работа. Сум имал искуство да работам и да помагам, ама многу сакам што кога продавам „Лице в лице“ излегувам и се враќам чист. Се движам меѓу убави луѓе, а тие го уважуваат тоа што го работам. А има многу случки од терен!
Омилено место за продавање
– Мојата локација е на плоштадот во Скопје, таму ми е најубаво!Сподели интересна случка од терен
– Многу ми е интересно кога правам пауза од работа и седнувам да пијам кафе во кафулињата. Газдите и персоналот ме честат бидејќи ме знаат по „Лице в лице“ и униформата. Еднаш додека го чекав кафето дојде еден човек и ми купи од маса, обратна ситуација – јас одморав, а тој дојде да купи од мене, не отидов јас кај него
Како и каде сакаш да го пиеш првото кафе?
– Во „Џино“. Особено кога е лето. Со вработените многу се почитуваме и уживам во нивно друштво.
Прочитајте го целото интервју во новиот 45ти број на Лице в лице