Лице в лице интервју

„Мама Круг“ – заедницата што го адресира менталниот товар кај мајките и ја менува културата на поддршка во Македонија

Неретко слушаме дека е потребно цело село за да се израсне дете. Во реалноста многу мајки го чувствуваат спротивното, дека сите грижи, обврски и невидливи задачи се на нивни плеќи. Од планирање оброци и распоред на денот до грижа за детето, овие обврски, познати денес како ментален товар, стануваат уште потешки со хронична исцрпеност и непреспани ноќи. Родителските улоги сè уште се нерамномерно распределени, а традиционалните патријархални очекувања го зголемуваат притисокот врз мајките. Ова ја покажува структурната нерамноправност и ја нагласува потребата од рамномерна распределба на обврските и поддршка за мајките.

Токму тука доаѓа „Мама Круг“, како едно современо „село“, односно заедница, која нуди решенија!
Во ова интервју зборуваме со претприемачката Данче Азманова Мирчевска, основачка на Working Mom и коосновачка на „Мама Круг“, за тоа како се роди заедницата, како им помага на мајките и како тие ја менуваат културата на поддршка во родителството.

Кој беше личниот момент/искуство што Ве поттикна да ја создадете заедницата „Мама Круг“, заедно со двете други коосновачки?

– Пред да го започнеме „Мама Круг“, јас, Бојана Стојменовиќ Петровска и Александра Гаќидев не се познававме лично од претходно. Потребата да не бидеме осамени во процесот на мајчинството е она што нè спои сите три. Секоја од нас претходно ја имала во глава истата идеја – да создаде безбеден простор каде што мајките ќе можат отворено да зборуваат за своите искуства и предизвици, да се вмрежуваат и да си помагаат во најранливите периоди од својот живот. Ги споивме нашите три визии и на 21 јуни 2023 година се роди „Мама Круг“ како заедница за мајки создадена со цел да понуди поддршка, едукација и поврзување во сите фази на мајчинството. 
Уште на првиот настан што го организиравме, за само неколку дена ги пополнивме сите места и имавме 30 мајки со деца. Така и сфативме колку всушност е голема потребата од вакви дружења. До денешен ден, можеме да се пофалиме со организирани над 40 настани за мајки и деца и таа бројка допрва ќе расте, затоа што подготвуваме навистина амбициозна годишна програма за 2026 година.

Мајките имаат огромна потреба да зборуваат за тоа како се чувствуваат тие лично, а не само што прават за детето. Ние им го овозможуваме токму тоа и многу повеќе, вели Азманова Мирчевска.

„Мама Круг“ адресира многу чувствителен и често невидлив предизвик, осаменоста и постпородилната депресија кај жените. Ова, „плаче“ за (социјален) бизнис кој ќе го решава овој предизвик. Кој е вашиот пристап за да обезбедите финансиска одржливост без да ја загрозите мисијата за поддршка и автентичност, во земја која нема многу опции за поддршка на вакви иницијативи?

– Да, ние сме социјален бизнис по душа, но и бизнис по структура, бидејќи само со одржливост можеме да ја исполниме нашата мисија долгорочно и да помогнеме на што поголем број на мајки. Основната поддршка, „Мама Круг“ заедницата секогаш ќе биде бесплатна. Одржливоста ја градиме преку партнерства со брендови и компании кои ја разбираат нашата мисија и сакаат автентично да им пристапат на мајките со своите производи и услуги.  Морам да нагласам дека тука сме многу селективни. Соработуваме само со оние брендови кои се усогласени со нашите вредности и навистина нудат нешто корисно за мајките и за децата. 

Кои се клучните ресурси и партнерства што сметате дека се потребни за „Мама Круг“ да може да расте и да стигне до повеќе жени и надвор од Мк, а притоа да остане верна на својата автентичност и поддршка?

– Би рекла стратешки партнерства со амбициозни луѓе и брендови што се отворени да работат со нас и заедно да ја кренеме свеста за важноста од една ваква заедница за мајки. На домашен план, сметам дека ни требаат и партнери од државниот сектор за да ја институционализираме поддршката за мајката од секој аспект. Нашата приказна нема само да остане во рамки на државава. Во план ни е да се шириме и меѓународно преку партнерства со слични и поголеми заедници од регионот.

Во свет каде стартапите често се натпреваруваат за скалирање, како ја гледате иднината на „Мама Круг“? Дали е тоа поголема дигитална заедница, пристап на нови пазари, регионално ширење, или можеби развој на нови програми кои ќе го трансформираат начинот на кој општеството се однесува кон мајчинството?
– Нашето скалирање не го гледаме низ призма на пари, туку во бројот на жени на кои сме им помогнале и сме им подале рака кога им било најпотребно. Верувам дека како што нашата заедница расте, бројот на присутни учесници на настаните се зголемува, ќе допреме до голем број на жени во Македонија и полека, ама сигурно, ќе го трансформираме општествениот став. Најголемата амбиција ни е да создадеме нови програми кои ќе го трансформираат начинот на кој општеството се однесува кон мајчинството. Тоа значи едукација не само за мајките, туку и за партнерите, семејствата и работодавците. Финалната дестинација е да станеме препознатлив бренд за поддршка, па во иднина да имаме и вакви заедници и низ другите држави што ќе ја шират нашата методологија.

Кај вас на веб најдов податок во кој цитирате истражување според кое, 42% од жените во постпородилниот период се чувствуваат изолирани, а голем дел немаат со кого да ги споделат своите мисли. Како „Мама Круг“ помага да се надмине тоа чувство на осаменост во тој период од животот?  Како успевате да ја претворите таа осаменост и да ги поттикнете младите мајки да споделуваат, да доаѓаат на настани, да добијат чувство на заедништво?

– За да го постигнеме ова, се фокусираме на овие 3 аспекти:
Создаваме безбеден простор за споделување за секоја мајка. Сите наши настани и онлајн комуникација се градат врз правилото за неосудување. Кога една мајка ќе влезе во нашиот круг, таа знае дека може без влакна на јазикот да споделува за своите маки, без да биде осудувана.
Ја нормализираме „тешката“ страна на мајчинството: Не молчиме за табу темите. Отворено зборуваме за губењето на идентитетот, за сексот по породување, за кавгите со партнерот, за потребата да бидеш сама, да одвоиш време за себе, да се „излуфтираш“. Со тоа што ја споделуваме нашата ранливост, ја отвораме вратата и за другите да го сторат истото.
Нема помоќно чувство од тоа кога мајките ќе дојдат на настан и ќе видат уште 30 други жени кои се препознаваат во вашата приказна и велат „Да, знам како ти е!“, Тоа е буквално претворање на изолацијата во поддршка. Осаменоста инстантно исчезнува кога ќе сфатиш дека твоите најдлабоки, најчудни мисли се универзални кај секоја мајка.

Кои се најчестите предизвици што се повторуваат во досегашните теми на настаните на „Мама Круг“?

– Би стартувала со притисокот да бидеме совршени мајки, што е многу присутен и „благодарение“ на социјалните мрежи. Потоа овде го имаме губењето на идентитетот и вината. Никнуваат прашања како „Која сум јас сега? Дали само мајка?“, „Се чувствувам виновна што сакам еден час за себе“, „Не сум сигурна дали уживам во ова“.
Зборуваме и како мајчинството влијае на врската со партнерот, за нефер поделбата на домашните и родителските обврски (т.н. ментален товар) и недостатокот на поддршка. Овде е и постојаната исцрпеност и анксиозност, справување со лутината и фрустрацијата. Мајките имаат огромна потреба да зборуваат за тоа како се чувствуваат тие лично, а не само што прават за детето. Ние им го овозможуваме токму тоа и многу повеќе.

Како жена, мајка и основачка на бизнисот „Working Mom“, имате ли пример кога поддршката од други жени за Вас направила разлика?

– Јас верувам во начелото дека – Кога им помагаш на другите, си помагаш и себеси. 
Платформата „Working Mom и заедницата ги создадов затоа што се чувствував осамено кога станав мајка. Немаше никаква група за поддршка, па си реков: „Зошто да чекам некому да му текне да направи таков нешто? Ајде јас ќе си ја создадам!”. Само 3 месеци откако се породив, никна и платформата „Working Mom“.  
Не сум само јас таа што им помага на мајките, туку и тие мене. Баш пред некој ден бев во фаза на целосна исцрпеност. Имав премногу обврски со сите 4 мои брендови додека детето ми беше настинато. Една мајка ми рече: „Дани, ај дозволи си да бидеш просечна денес. Не мора секој ден да измислуваш топла вода и да го менуваш светот. Само биди присутна. И тоа е доволно. Немој да прегоруваш. Ни требаш!” Кога го слушнав ова, ми беше искрено како некој да ми симна огромен камен од градите. Да, можеби ова не беше бизнис совет, но ми беше една многу моќна емоционална дозвола да го прифатам хаосот. Токму тука ја гледаме и моќта на женската поддршка – не само размена на совети, туку и емпатија.

Која би била пораката или охрабрувањето кое би ѝ го дале на нова мајка што се чувствува изгубено?

– Не мора да поминувате низ мајчинството сами и постојано да чувствувате осамени. Ве охрабрувам да ни се придружите во заедницата Working Moms“, да го споделите своето искуство и предизвици како родители, и ајде заедно да ги рушиме табу темите околу мајчинството. Ве поканувам да дојдете на некој од нашите креативни настани за мајки и деца што ги огранизираме по неколку пати месечно заедно со Александра и Бојана од „Мама Круг“ со цел да и бидеме на мајката она „село“ и онаа поддршка што отсекогаш ѝ била потребна. Следете ги нашите активности на „Инстаграм“ или на „Фејсбук“, а може да се пријавите и на нашиот њузлетер.

Што следно ќе „роди“ „Мама Круг“?

– Интензивно ја подготвуваме програмата за 2026 година. Освен во Скопје, целта ни е да ги шириме нашите активности и во 7 други градови низ државата, ако не и повеќе. Секоја мајка има потреба од круг на мајки. Знаеме дека мајчинството е најубавото, но и најпредизвикувачкото патување, затоа, ние сме тука да го поминеме заедно со тебе. 

Фотографии: Loveclick.mk и Ristovski Photography.

Напишете коментар