Млади организираат хуманитарен фестивал за настраданите во Кочани

Група млади луѓе организираат дводневен хуманитарен музички настан кој ќе се одржи на први и втори август во Кочани. Главна цел на настанот, кој е насловен „Расплет фестивал“ е да се потсетат граѓаните дека не смее да стивнат донациите за настраданите од трагедијата со пожарот во Кочани.
– Тишината во овој момент е гласна, затоа ние треба да сме погласни! Донациите стивнуваат. Ние сме овде да ве потсетеме дека донациите не смеат да запрат, бидејќи им се најпотребни на повредените кои чекаат за нив, од кои некои директно се вклучени во фестивалот за нивна повторна социјализација. Потребни се исто како при првите денови на формирањето на „Support Kocani“ – велат организаторите на настанот – млади луѓе од Кочани меѓу кои и членовите на бендот „Корка“
Со овој фестивал тие сакаат да привлечат поголемо внимание кон Кочани и сите засегнати од трагедијата и да се собере што можно поголем број на донации.
– Вториот дел од настанот, го започнуваме подоцна, и оставаме простор на мировниот марш, кој ние со сето срце го подржуваме, учествуваме и повикуваме луѓе да земаат учество и надвор од Кочани. Само ние, младите, можеме да си помогнеме едни на други. Целиот настан е посветен нa Сара Јорданова, наша драга пријателка и соученичка која го загуби својот живот во пожарот, но и кон сите други засегнати – велат младите организатори.
На сцената ќе настапат артистите „Хајка“, „Taxi Consillium“, „Корка“, „Алембик“, Јаблан, Don Playa, „Луфтанза“, „Соба Глувих“, „Големата Вода“, „Mallard“ и DJ Gianni.