Блог, Школа за медиумска писменост

Младите знаат за безбедноста на интернет, но ја применуваат ли?

Време на читање: 4 минути

 Во адолесценцијата, развојот на мозокот е повеќе усогласен со социјалната поддршка, отколку со долгорочните последици од однесувањето. Така, периодот на средна адолесценција има голем потенцијал за развој на критичкото мислење преку соодветно избрани активности, кои истовремено ќе ја унапредат и медиумската писменост на учениците – вели Ана Фрицханд, доктор по психологија

Емилија Петреска-Камењарова
Фотографијата е изработена во „Канва“, користејќи вештачка интелигенција и насоки дадени од Натали Китаноска.

Верувам дека денес е општо познато дека реалноста на помладата генерација е сосема поинаква од младешката реалност низ која поминувавме ние – генерациите што бевме сведоци на подемот на интернетот. За мојата генерација, купувањето на првиот компјутер и отворањето на првата е-пошта беа искуства што засекогаш ни го променија животот. Денешните млади, пак, се родија во средина во која компјутерот беше само уште еден домашен апарат, лаптопот беше вообичаена секојдневна алатка на возрасните, а мобилниот телефон – продолжена рака на нивните родители.
Токму во вакви услови, регулативното тело за медиуми, Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), си даде задача да обезбеди подлабок увид во нивото на медиумска писменост на учениците од прва и од втора година од средното образование, на возраст од 14 до 17 години.
Дознавме како овие млади луѓе ги користат традиционалните и социјалните медиуми, интернетот и мобилниот телефон, нивните навики за играње, препознавањето содржини и информации, нивното знаење за безбедноста во сферата на интернет и нивните вештини за критичко размислување. Резултатите од студијата беа објавени во публикацијата „Истражување на медиумска писменост кај учениците од прва и од втора година во средно образование“ достапна на македонски, англиски и на албански јазик.
Би било невозможно овде да се даде соодветен преглед на сите наоди, така што во овој текст се извлечени само дел од податоците во врска со критичкото размислување.

Една половина од младите препознаваат јадица-содржини, но не и говор на омраза

Повеќе од една половина (53,2 проценти) од учениците препознаа дека насловот „ШОКАНТНО: Погледнете што се случуваше вчера во Скопје… бидете подготвени!“ (ВИДЕО) е наслов-јадица или т.н. „кликбејт“ (clickbait). Нешто повеќе од една петтина сметаа дека ова е објективно информирање, додека 17,2 проценти не знаеја за што се работи. Насловот „Навивачите протестираа во Скопје пред фудбалскиот натпревар: да ги убиеме ‘кучињата’!“ беше препознаен како говор на омраза од 58,3 проценти од учениците. Сепак, повод за загриженост и планирање идни активности е наодот дека вкупно 41,7 проценти не го препознаа (некои мислеа дека станува збор за известување за спортски настан, некои за лажна вест, а некои не беа сигурни). При разликувањето факти од мислења, тие најчесто препознаваа историски и научни факти (Втората светска војна заврши во 1945 година – 55,2 проценти; Земјата е трета планета од Сонцето – 47,9 проценти). Меѓутоа, 35,6 проценти од учесниците сметаа дека мислењето „Кучето е најдобар пријател на човекот“ е факт.
Повеќе од половината од учениците (57,2 проценти) знаеја дека тоа што го гледаат на своите профили на социјалните мрежи се вести од луѓе кај кои кликнале допаѓање и пишале коментари. Околу една третина мислеа дека тоа е поради пообемната активност на тие пријатели на социјалните мрежи, а 10,1 проценти претпоставија дека другите луѓе веќе не се нивни пријатели / престанале да ги следат. Ако нивниот пријател им испратил врска во кој пишува: „Леле, никогаш не би можел да замислам дека можеш да направиш вакво нешто. Има дури и фотографии“, 68,2 проценти би провериле со својот пријател пред да кликнат, 10,4 проценти би ставиле налепница врз камерата на лаптопот / телефонот, а 13,6 проценти би помислиле дека е шега и би кликнале од љубопитност.

Не знаат да проверат потекло на фотографии на интернет

Загриженост предизвика и фактот што речиси сите ученици (96,3 проценти) не беа запознаени со техниките / алатките за проверка на потеклото на фотографии на интернет. Само 3,7 проценти знаеја за такви алатки, а најчесто ги именуваа „Гугл ленс“ или „Гугл имиџис“.
Ако на своите профили на социјалните мрежи наеднаш забележат многу фотографии од постари луѓе и сфатат дека нивните пријатели користат апликација „Фејс“ (FaceApp), големо мнозинство (87,2 проценти) прво ќе размислат дали да ја инсталираат апликацијата и ќе проверат до кои податоци ќе има пристап. Само вкупно 12,8 проценти би сметале дека нема опасност (некои би дозволиле пристап без грижа, некои дури и без размислување). Човек би помислил – високо ниво на свест. Но, вкрстувањето на овие податоци со други резултати покажа несовпаѓање. На пример, речиси една половина од учениците (47,9 проценти) изјавија дека ги прочитале условите за користење пред да се регистрираат на социјалните медиуми или апликациите, но вкупно 52,1 проценти не го сториле тоа (37,3 проценти немале време за тоа, а 14,8 проценти не би трошеле време бидејќи и така не можат да ги променат).

Учениците даваат општествено посакувани одговори

Ова укажува на тоа дека учениците даваа општествено посакувани одговори – тие знаат што треба да направат, но во практика постапуваат поинаку. И, ова не е невообичаено бидејќи, како што истакнува Ана Фрицханд, доктор по психологија задолжена за толкување на податоците од студијата:
– Не е нетипично адолесцентите да потпаѓаат под врснички притисок и да покажуваат неконзистентно однесување, да сакаат да бидат видени и популарни, да експериментираат и ризикуваат, да бидат несигурни што да изберат и каква одлука да донесат, свесни дека постојат многу можности… Во адолесценцијата, развојот на мозокот е повеќе усогласен со социјалната поддршка, отколку со долгорочните последици од однесувањето… [Така], периодот на средна адолесценција има голем потенцијал за развој на критичкото мислење преку соодветно избрани активности, кои истовремено ќе ја унапредат и медиумската писменост на учениците – вели Фрицханд.

Податоците се од национална студија, чијашто цел беше да обезбеди податоци од избран примерок за тековната реформа преку која се воведува медиумска писменост во средното образование. АВМУ  ја спроведе студијата во соработка со проектот на УСАИД за медиумска писменост „Младите размислуваат“, кој ја поддржува оваа реформа, а го спроведуваат ИРЕКС, Македонски институт за медиуми, Институтот за комуникациски студии и Младински образовен форум. Министерството за образование и наука обезбеди родово разделени податоци за вкупниот број ученици и во гимназиите и во средните стручни училишта во земјава и овозможи интервјуата да се вршат во училиштата.

Содржината е оригнално објавена на веб-сајтот „Media & Learning Association“ и е достапна на овој линк, под наслов „Macedonian youngsters know about critical thinking and internet safety but do they apply what they know?

(Авторката е заменичка-раководителка на Секторот за програмски работи во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и координаторка на Мрежата на медиумска писменост)

Oваа содржина на „Лице в лице“ се реализира во рамки на Регионалната програма „Нашите медиуми: Акција на граѓанското општество за генерирање медиумска писменост и активизам, спротивставување на поларизацијата и промовирање на дијалогот“ со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на Здружението на граѓани за истражување, комуникации и развој „Паблик“- Скопје и не мораат да ги одразуваат ставовите на Европската Унија.

Напишете коментар