Лице в лице интервју

Моќ, право и одговорност: Како да ги заштитиме дигиталните права на сите граѓани?

Време на читање: 8 минути

Во време кога дигиталниот свет e продолжение на реалноста, правата на интернет стануваат суштински дел од човековите права. Разговараме со Љубица Крстевска, правната експертка и претседателка на организацијатаWomen 4 Cyber North Macedonia“, која ја анализира комплексноста на дигиталните слободи, предизвиците со кои се соочуваме, од говорот на омраза и сајбер нападите, до недоволната дигитална писменост и родова дискриминација во виртуелниот простор.
Крстевска споделува дека  одговорноста е клучниот одговор на заканите. Како да создадеме здрав дигитален екосистем за сите, особено за најранливите? И што можеме да направиме како поединци и како систем? Читајте во нашето интервју за иднината на нашите права – и онлајн, и офлајн.

Имајќи го предвид вашето искуство и експертиза во правната сфера, раскажете ни што сè се подразбира како дигитални права и слободи. Во време кога сите постојано сме изложени на дигитални канали, начини на комуникација и практично, онлајн живот, на кој начин се тие продолжение на човековите права?

Сте се обиделе ли да го одвоите вашиот „виртуелен“ живот, од оној во, да го наречеме, опипливиот свет? Скоро па невозможно, нели?

Исто е и со дигиталните права и слободи. Тие се продолжение, или поточно, дел од широката лепеза на меѓународно признати и заштитени права и слободи. И тие се производ на поинаквите, новите форми и средства за комуникација, размена на информации и изразување.

Дигиталните права се нашиот штит во виртуелното, и тие ни гарантираат дека ќе можеме да обезбедиме достоинственост, приватност и заштита на нашиот човечки интегритет во „светот што не го гледаме“, но така силно го чувствуваме секојдневно – дигиталната технологија и интернет! Да наброиме само неколку: приватност и заштита на лични податоци; право на интернет пристап; право на информирање; слобода на онлајн изразување; право на дигитална писменост; интелектуална сопственост; авторски права; право на дигитална безбедност, итн.

Оттука, тие се природно продолжение на традиционалните слободи и права, затоа што модерниот свет е соткаен од изразување, меѓучовечки односи кои во голема мера се одвиваат во дигиталната сфера.


Сведоци сме на растечка пропаганда, говор на омраза, стигматизација, антиродови наративи. Сето тоа раѓа голема поларизација и го зголемува и онака големиот родов јаз во нашето општество. Дали е ова најголемата закана за дигиталните права и слободи во нашето општество? Или има уште нешто?

Холистичкиот пристап, односно пристапот „повеќе причини-една последица“, ми се чини за најсодветен, кога зборуваме за заканите врз дигиталните слободи и права во Македонија. Штетните дигитални појави односно повреди, како оние што ги наведовте, се, секако, јака деструктивна сила која го „храни“ родовиот јаз, но тоа не е сè! Истовремено ги ослабнува, ги прави кревки и подложни на влијанија дигиталните права и слободи на целокупното население, на жените и мажите. Токму затоа, битката против говорот на омраза, пропагандата, антиродовите наративи треба да биде системска, општествена, и континуирана, за да вроди со плод. А плодот секако треба да биде еден така магичен и сè уште за нас недостижен, збор со суштина – ОДГОВОРНОСТ! Е тогаш, уверена сум, дека веројатноста да обвистинат заканите ќе се намали.

Што пак, Вас, како експертка во оваа област, најмногу Ве загрижува во поглед на правата на граѓаните на интернет денес?

Дигитално здравје. Ајде да зборуваме за тоа!

Ако тргнам од грубата поделба на заканите на внатрешни (оние кои се врзани со и во извесна мера зависат од самата индивидуа), и надворешни (условени од екстерни фактори и влијанија), прв „камен на сопнување“, оној внатрешниот, е дигиталната писменост. Односно, нејзиниот антипод – отсуство или ниска дигитална писменост. Таа, сама по себе повлекува низа потенцијални повреди или нарушувања на дигиталните права, доволно е само да ја споменеме приватноста и личните податоци. За среќа, оваа закана во себе го содржи и својот лек, на дигиталната писменост мора постојано да се работи на повеќе рамништа.

Вториот „камен“ бара повеќе вложувања: во пари, време и енергија. Зависен  е и од сериозна заложба на државата, нејзините институции, ефективни законски решенија, долгорочни вложувања, и градење соодветна корпоративна култура. Тоа е сајбер безбедноста, заштитата на компјутерските мрежи, програми, податоци од разни видови дигитални инциденти или напади. Прекин на услуги, кражба на финансиски податоци, уцени, манипулации со информации и сл. се само незначителен дел од загрозените права во случај на сајбер напади од различен вид.

Ја потенцирам улогата и одговорноста на државата да обезбеди сигурен дигитален простор и грижа за оние кои не се во состојба самите да се грижат за своето дигитално здравје – ранливите групи граѓани.

Зошто жените од јавната сфера (новинарки, политичарки итн), особено оние кои се доста активни и гласни, се често мета на онлајн напади, ширење говор на омраза кон нив?

Па, нојот чија што глава е забиена во песок никому не пречи, нели? 😊Токму затоа! Бидејќи се активни и гласни во дигиталниот простор, а оттаму гласот е многу моќен и експресно се шири! И останува низ времето, како ехо, да потсетува…

Иако силно верувам дека дигиталната комуникација е создадена за доброто на човештвото, да ни го олесни животот, за жал, таа не е имуна на нејзината злоупотреба. Дигиталните алатки се мошне моќно средство, кое обезбедува бесплатно, во дел од секунда, една лага, навреда или манипулација да стане факт, вистина, а притоа да е затскриена зад профил без име и презиме, зад ИП адреса во јавно кафуле и слично. Лошата страна на социјалните мрежи е што овозможуваат „лошите момци“ да се факторизираат, и тоа не само во локални рамки! Е сега, дали има лек? Има, и се вика повикување на одговорност, казни, јавна осуда… Некако ми се чини дека се повторувам, ама зборот одговорност одѕвонува постојано во мојата глава.

Со организацијата „Women4Cyber North Macedoniaделувате на следната генерација лидерки во сајбер безбедноста, но, не само во техничка смисла – повеќе жени во оваа сфера, туку и суштински. Како може да се балансира контролата на говор на омраза со слободата на изразување на интернет?

Искрено? Тешко. Многу е деликатно и бара подолга традиција на практикување демократија. Контролата на говорот на омраза го штити индивидуалното достоинство, а слободата на изразување ја гарантира слободната мисла и критика. И притоа треба да се внимава да не се западне во цензура.

Од каде да се тргне? Најпрво, потребно е јасно дефинирање на слободата на изразување (како уставно загарантирана), од една страна, и што точно ќе се смета за говор на омраза, од друга страна. Следствено, потребни се применливи дефиниции, кои својата суштина ја извлекуваат од општественото живеење, од овие прилики во простор и време и кои се одраз на одредени универзално прифатени вредности. Потребно е и да се обезбеди транспарентност на одлуките за отстранување одредени содржини од интернет, а одлучувањето дали нешто ќе се смета за говор на омраза да е засновано на факти и докази.

Но, добрата вест е дека тоа може да се научи со вложување постојан напор, со проценка од случај до случај, секој случај треба да се разгледува во свој контекст, а не генерално. Паралелно треба да градиме култура на комуникација, критичко мислење засновано на аргументација, а не од позиција на функција, моќ или „стара слава“. Ултимативна цел треба да биде да се заштитат луѓето од потенцијална штета, но, на тој пат да не настрада различното мислење, конструктивната критика и дебатата.

Што треба да направиме за да ја унапредиме свесноста за нарушувањата на дигиталните права и слободи – како граѓани, но, и како систем?

Едно е повеќе од сигурно: мора да правиме во континуитет, тоа е приказна со почеток но без крај! И тоа, на три нивоа паралелно: индивидуално, државно, општествено! Несомнено, дигиталната писменост е еден од начините преку кои можеме позитивно да делуваме. И тоа им го должиме особено на младите, кои мора да ги обучиме како одговорно да се однесуваат пред екраните. Многу истражувања потврдуваат дека младите генерации многу успешно и брзо ги совладуваат, знаат како да ги користат новите апликации, но не се „дигитално зрели“. А за таа цел, најпрво возрасните треба да се „описменат“…

Рецептот, најпросто кажано би бил: Превенирај, па реагирај!  Значи, најпрво дигитална писменост како превенција, а потоа знаење како и каде да се обратите во случај ако се сомневате или некое ваше право или слобода е повредено.

Свесни сме дека сајбер нападите не се случуваат „одеднаш“, туку се дел од стратегија. Така што, најчесто, прашањето кое си го поставуваме „зошто некој би го правел тоа“ е навистина релевантно. Зошто, навистина?

Најсоодветно би било ова прашање да го одговори некој од другата, „мрачната страна“ на сајбер безбедноста, бидејќи криминалниот ум размислува поинаку. 😊

Цената на нападот, односно добивката што ја остваруваат сајбер напаѓачите е повеќекратна, и таа се изразува како нарушен интегритет или идентитет, украдени лични или финансиски податоци, оневозможено ползување одредена услуга, пад на витален систем, крах на енергетски систем, пропагандна машинерија во погон…Но, што е на крајот на равенката, зошто? Најчесто заради остварување корист (за себе, за својата група, или дури и за државата!), која на крајот се сведува на моќ и воспоставување или одржување доминација. Моќта отсекогаш била придвижувачкиот погон на забранетите и штетни активности.

Какви решенија – алатки, кампањи… би можеле да помогнат најмногу на жените, на помладите, на оние со помалку можности, но и на генералната јавност?
Има една активност, која, генерално земено и на долги стази, на долг рок позитивно придонесува во борбата против негативните појави, злоупотребите на податоци, нападите на интернет итн, а тоа е таа приказна без почеток и крај – подигнување на општата свест. Но, тоа ни оддалеку не е доволно! Мора системски да се работи. Најпрво државата, потоа паралелно сите општествени чинители и на крајот секој од нас, како поединец. Организациите како нашата можат да остварат значајно влијание, особено преку пружање различни тематски обуки и практични работилници преку кои се зголемуваат вештините, се „изострува“ сетилото за откривање и детектирање ненормални појави во виртуелниот простор. И секако, практични активности и водичи каде треба да се обратите ако некое ваше право е повредено или не сте сигурни дали е тоа случај.

Сметате ли дека законската рамка во нашата земја ги штити доволно дигиталните слободи на граѓаните?
Да, сметам дека законската рамка е доволна и поставена како што треба, во согласност со меѓународните стандарди. Секако, имајќи предвид дека има некои прашања кои сè уште не се законски регулирани. Но, тоа е само почеток на еден ефикасен и ефективен систем за заштита на дигиталните права. Тоа значи дека, ако рецептот не ви функционира во пракса, никаква полза од словото на хартија! И колкупати ли треба да се навратиме на одговорноста?!

Апсолутно не треба да се занемари значењето на јавните политики во оваа сфера.  

Какво влијание имаат тн. Big tech компании (како Facebook, YouTube, TikTok, Google) врз дигиталните права? Koга кликнуваме Accept, без ниту да помислиме на што сме се согласиле, сметаме на нивната етичност. Но, во која мера е нивната одговорност во заштитата на корисниците?

Големите играчи, тие се клучни креатори на „животната средина“ на дигиталните права. И, ако зборуваме отворено, тие се големи лобисти и остваруваат огромно влијание врз меѓународната легислатива, во процесот на нејзиното обликување. Земете го, на пример, случајот со донесувањето на Општата регулатива за заштита на лични податоци, за која беше потребна цела декада за да се донесе токму поради „отпорот“ и влијанието на големите играчи, токму Биг тек компании! Но, од друга страна погледнато пак, легислативата предвидува ефективна заштита на дигиталните права на поединецот. Во пракса, се изрекуваат високи казни за прекршување  на овие права од страна на компаниите. Она што е потребно е повеќе реакција, пријавување на такви случаи до надлежните државни органи.

Зошто е значајно мултистејкхолдерското учество (вклучување на граѓански организации, технолошки компании, државни институции и граѓани) во креирање политики поврзани со интернет и човекови права?

Јас би рекла дека не е значајно, туку е неопходно. Сите наведени фактори го чинат „дигиталниот екосистем“. Секој од овие фактори треба од свој аспект да го даде придонесот. Државата првенствено го започнува и го заокружува тој процес, таа преку своите институции е регулатор. Граѓанскиот сектор е секогаш најблиску и природно во дослух со граѓаните и неговата стартна позиција се правата и слободите на граѓанинот. Па следствено, овој сектор треба да го води процесот на креирање и следење на јавните политики. Технолошките компании, во своја рака ги имаат сите алатки со кои, или преку кои, за жал, се вршат повредите или прекршувањата на човековите права. Но исто така, нивна е одговорноста да обезбедат вградување на механизми преку кои ќе се заштитат овие права. И на крајот, или на почетокот, како сакате, секогаш е поединецот со својата свесност, активност или пасивност, одлуки и постапувања…Бидејќи сите ние, без оглед на функцијата, работното место или слично, сме граѓани кои би требало да уживаат дигитални права, но и да се грижат и да ги почитуваат права на другите поединци. „Новото“ време не бара, туку инсистира на свесни индивидуи, кои покрај грижата за себе, се грижат и за оние кои тоа не можат да го сторат!

Содржината е креирана во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија. Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Illustration: Freepik

Напишете коментар