Може ли Западен Балкан да стане пример за отпорност против информациски закани?

Системската злоупотреба на информацискиот простор преку дезинформациски кампањи ја зголемува ерозијата на јавната доверба што ја доведува до криза на демократскиот систем. Западниот Балкан, како еден од најранливите региони во Европа, се соочува со сериозни предизвици во зачувувањето на интегритетот на демократските институции и процеси, поради отсуството на регулатива усогласена со европските стандарди и недостаток на координирана акција на демократските актери, за зачувување на демократските институции.
За таа цел, објавен е „Патоказ за заштита на демократијата од информациски закани“, стратешки документ што повикува на здружена акција на целото општество.
„Патоказот претставува стратешка рамка за отпорност кон дезинформациски кампањи и манипулативни влијанија, кои претставуваат сериозна закана за демократските институции и процеси, особено во регионот на Западен Балкан“, велат од Фондацијата „Метаморфозис“ и Мрежата против дезинформации за Балканот (АДН-Балканс), кои се издавачи на документот.
Патоказот нуди пет клучни приоритети – од градење сеопфатна општествена отпорност и стратешко дејствување, до заедничка регионална стратегија и усогласување со европските закони. Се нагласува потребата за борба против манипулативни кампањи преку регулација на дигитални платформи, унапредување на медиумската писменост и заштита на изборниот интегритет.
„Само преку координиран, долгорочен и инклузивен пристап можеме да изградиме отпорност кон информациските манипулации и да го заштитиме правото на граѓаните да носат информирани одлуки“, изјавуваат од „Метаморфозис“ и посочуваат и дека документот е резултат на консултативен процес, вклучително и конференцијата „Заедно за вистината“ што се одржа минатиот месец во Скопје.
Документот е достапен на овој линк
Фотографија: www.freepik.com