Можности има секаде, само треба да ги препознаеме
Актуелната тема на „Лице в лице“ се младите и нивната иднина. Во оваа насока, разговараме и со млади претприемачи кои решиле овде да ги развиваат своите идеи, бизниси, капацитети и со тоа, да влијаат на својата заедница.
Еден од тие луѓе е Глигор Ризов, основач на SMX Academy и Roccad, дигитална маркетинг агенција, со повеќе од 10 години искуство во дигитален маркетинг и бизнис стратегија. Како предавач и консултант, тој работи со домашни и меѓународни компании за оптимизација на нивните маркетинг стратегии и подобрување на онлајн присуството.
Во ова интервју, тој зборува за своето претприемачко патување, значењето на дигиталниот маркетинг, важноста на грешките во учењето и како да се најде вистинската насока во кариерата.
Од каде дојдовте до идејата да започнете сопствен бизнис?
– Уште додека бев средно и додека студирав, јас цело време размислував како би направил некои решенија, доколку имам сопствен бизнис. Затоа и доста рано ми се појави желбата да започнам нешто свое, да создадам нешто свое. Бев свесен дека немав доволно искуство, но и знаев дека тоа ќе дојдеше со тек на време.
Како дојдовте до дигиталниот маркетинг?
– Дигиталниот маркетинг беше нешто што дојде спонтано, бидејќи отсекогаш имав желба кон дигитални алатки. Од тоа произлезе и едукацијата. Сакав да споделувам знаење со луѓе на кои им требаше да научат нова вештина. Ги применив токму тие алатки и вештини кои јас ги усовршував.
Дали сметате дека кај нас имаме доволно можности за успех?
– Сметам дека простор за успех има секаде. Само мора фокусот да ни биде кон можностите, а не кон проблемите и недостатоците. Степенот на предизвици и недостатоци можеби е различен од држава во држава, меѓутоа можности има секаде. Според мене, успеваат оние кои свесно ги бараат токму можностите.
Како да ја пронајдеме вистинската насока во кариерата?
-За да се најде вистинската насока, мора најпрво да се прават грешки и да се носат погрешни одлуки. Знам многу луѓе кои направиле погрешен избор во образованието, но сепак тоа ги има донесено до многу подобра кариера или пак бизнис. Ги охрабрувам младите да бидат подготвени да прават грешки, да носат одлуки кои можеби на краток рок ќе изгледаат како погрешни, но на долг рок ќе ги донесат до вистинската насока.
Колку формалното образование е важно за успех во бизнисот?
– Формалното образование, иако не беше клучно за започнување на бизнисот и успехот во работењето, сепак имаше големо влијание врз стекнување на дисциплината и издржливоста во работењето. Тоа ми помогна бизнисот да го гледам како маратон, а не како спринт.
Од оваа перспектива, што би смениле доколку сега почнувате?
– Би почнал уште порано! Би нашол и ментор уште од самиот старт. Кај многу почетници во бизнисот, еден од најголемите предизвици е изолираноста и недоволната комуникација со други луѓе во бизнисот.
Каква е улогата на заедницата и менторството во претприемништвото?
– Сфатив дека беше многу важно да имам комуникација со претприемачи кои се во слична фаза како мене, но и со луѓе кои се многу поискусни и поуспешни за да можам да учам од нив. Затоа би препорачал секој што размислува да започне бизнис, што порано да најде заедница на луѓе со кои ќе комуницира, но исто така и да најде поискусни луѓе кои ќе бидат како ментори и ќе му помогнат побрзо да научи како да го води бизнисот.