Некој те вознемирувал онлајн? Сподели анонимно, помогни да се заштитат други млади

Дали некогаш сте имале искуство со онлајн сексуално вознемирување?
На пример, некој неочекувано, без ваша желба и одобрување, ви испратил свои фотографии со сексуална содржина?
Дигиталниот свет носи многу можности: учење, поврзување, креативност. Но, исто така крие и ризици. Онлајн просторот, како и секој друг простор што децата и младите го користат, може да биде место каде што тие се соочуваат со сексуално вознемирување, експлоатација и злоупотреба фацилитирана преку технологија. Такви се, на пример, несакани пораки, притисоци за споделување интимни содржини, уцени или злоупотреба на лични фотографии.

Огромен предизвик е што немаме доволно податоци за оваа тема.
„Бидејќи недостасуваат цврсти докази, особено од самите деца и млади луѓе, тешко е да се процени обемот и природата на сексуалната експлоатација и злоупотреба на деца кои се фацилитирани преку употребата на технологија. Ова го отежнува одговорот и што земјите можат да направат за да ги спречат истите. Исто така, ова ја ограничува нашата способност како национални, регионални и глобални заедници да дизајнираме ефикасни стратегии за превенција, да ги подобриме националните закони и политики, како и да ги зајакнеме системите кои треба да ги заштитат и поддржат децата“, се вели во сижето од проектот во чии рамки се истражува оваа тема.
Тим истражувачи на УНИЦЕФ, работи на истражување за искуствата на младите луѓе со онлајн сексуално насилство.
– Важно ни е да слушнеме од млади кои доживеале вакво или слично искуство пред да наполнат 18 години. Вашата приказна може да направи разлика – велат од УНИЦЕФ.
Истражувањето се фокусира на искуствата на млади луѓе, 18-24 години, кои пред 18-тата година доживеале онлајн сексуално вознемирување.
– Вашето учество е анонимно. За секој што има тешкотија да се наврати на тоа искуство, обезбедуваме и психо-социјална поддршка – велат од истражувачкиот тим.
Учеството е преку контакт со истражувач преку порака или повик на 070 305 115.
Истражување што ја менува сликата
Првиот дел од истражувањето беше спроведен во 13 земји, а до 2026 година ќе се опфатат 25 земји, вклучувајќи ја и Македонија.
Во досегашното истражување, било утврдено дека едно од три деца не пријавува онлајн сексуално вознемирување, на никого.

Ова истражувањето е дел од глобалниот проект „Disrupting Harm“, поддржан од „Safe Online“. Целта е да се добие поширока и подлабока слика за тоа како и колку често младите луѓе доживуваат онлајн сексуално вознемирување. Податоците се собираат преку разговори со повеќе чинители за да се разбере природата и обемот на ова прашање, како и подготвеноста на националните системи за правда и заштита да одговорат на овие форми на насилство врз децата.