Скоро секоја трета жена доживува насилство во текот на својот живот, велат податоците на глобален план. Минатата година, на секои 10 минути, партнер или член на семејството намерно одземал живот на жена. Девојките се изложени на особен ризик од насилство – една од четири адолесцентки е злоставувана од својот партнер. Сите овие податоци од UN Women, не се само некоја гола статистика, туку се аларм за тоа дека живееме во криза на родово заснованото насилство.
Со мотото „Нема оправдување: Преземете акција за ставање крај на насилството врз жените и девојчињата“, денеска започнува одбележувањето на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“.
Почетокот на одбележувањето оваа година ќе се означи во Музејот на град Скопје, со почеток во 19.30 часот. Организаторите најавија отворена дискусија за значењето на заедничкото делување против родово базираното насилство, проследено со проекции на кратки видеа, како и уметничка изложба насловена „Лузни на издржливост, гласови на надеж“ од Мартина Спасовска.
„Лице в лице“ и „Паблик“ се приклучуваат кон одбележувањето на 16-те дена aктивизам против родово базирано насилство, преку кампања насловена „16 победи, 16 дена активизам“ – со споделување изјави од жени кои преживеале насилство, кои се издигнале над овој предизвик со соодветна поддршка преку програмата Социјално менторство.
Секој ден, на нашите социјални мрежи ќе споделуваме по една изјава која покажува една мала победа и решение на менторираните лица.
Во извештајот на ГРЕВИО од септември 2023, во неколку наврати е нотирано дека кај нас не се препознаваат различните форми насилство врз жените. Затоа, фокусот на кампањата подигање на свеста за препознавање и заштита од овие форми на насилство кои се препознаени со измените на Кривичниот законик (КЗ). Кампањата ќе се осврне кон препознавање на различните форми на родово базирано насилство согласно промените во КЗ, ќе се даде акцент на значењето на работата на стручните лица кои пружаат помош на оние кои преживеале родово базирано насилство, како на пример, здравствени работници, полициски службеници, давателите на социјални услуги.
Прочитајте повеќе за други теми
- Панел дискусија во „Јавна соба“: Родовата еднаквост – клуч за спречување на насилството врз жени и девојчиња
- Мирко Илиќ и „Толеранција“ доаѓаат во Скопје
- „Мојот антикорупциски дневник“ – младите против корупцијата преку едукација и отпорност
- Нема оправдување за насилството врз жените и девојчињата
- За забоболка одиш на забар, за душата – што правиш?