Нерешените проблеми со матичниот број се повторуваат со генерации
ПРОДАВАЧ НА „ЛИЦЕ В ЛИЦЕ“ ВО УЛОГА НА ЖИРИ
Еден од најактивните продавачи на „Лице в лице“, Валентин Ракип, поканет е да биде дел од жири задолжено за оценување новинарски стории, (текстови и видео прилози), во рамки на конкурсот за доделување на „Награди за новинари кои пишуваат за невидливите“.
Во фокус на овој конкурс се содржини кои третираат социјални теми, а идејата на организаторите, Македонска платформа против сиромаштијата (МППС), е во жирито да бидат вклучени лица кои директно се засегнати од одредени системски пропусти или се нашле на маргините на нашето општество.
-За нас најважно е луѓето кои се соочуваат со сиромаштијата да се восприемат како „експерти по искуство“ и да бидат слушнати што имаат да кажат. Ова претставува суштински придонес кон поголема видливост на различните аспекти на сиромаштијата и се отвора можност на тој начин да се скршат клишеата во медиумските известувања.
Продавачите на Лице в лице се токму такви експерти. Тое со својата посветеност, енергичност, трудољубивост, ги кршат стереотипите налепени на лицата со искуство во сиромаштија. Дополнително, тие секојдневно сведочат и за животот во градот и добро ги познаваат проблемите на ранливите и маргинализирани граѓани, вели Билјана Дуковска од МППС.
На втората средба на жирото, (која се одржа на 31 март, 2019 година), една од темите на која се оценуваа пристигнатите стории, беше: деца фантоми во општеството, секојдневие кое, пак, продавачот на „Лице в лице“, Валентин го живее од самото раѓање.
– Сѐ повеќе ја чувствувам тежината на ова нерешено прашање. Големиот број на деца без матичен број и документи, меѓу другото, е и резултат на неодговорноста на родителите. Не поднесуваат документи на време, и потоа остануваме на улица, не постоиме. Сѐ се повторува генерациски… И јас кога ќе имам деца нема да можам да го решам тој проблем, ако тоа не го направам сега – изјави Ракип.
Овие работни средби се дел од подготовките за доделувањето награди насловени „Гласник на невидливите“ со кои се изразува благодарност за новинарите кои пишуваат на социјални теми, поврзани со сиромаштија и социјална исклученост, а на тој начин им даваат глас на луѓето кои ретко имаат можност јавно да зборуваат за своите проблеми и се речиси општествено невидливи. Настанот ќе се случи во „Амбрела“, кон средината на април, а Ракип ќе ја има улогата да додели дел од признанијатаа за вреднуваните стории во рамки на конкурсот.