„Ниту една повеќе!“ денес ќе блокира пред „Жена Борец“: бараме крај на насилството врз жени

Феминистичкото движење за слобода и правда на жените „Ниту една повеќе!“ денес (25 септември) од 18 часот најави блокада пред паркот „Жена Борец“ во Скопје. Настанот е организиран како протестен чин против институционалната незаинтересираност и системското занемарување на жртвите на насилство врз жени.
– Се здружуваме за гласно и солидарно да зборуваме за еднаквост и живот без насилство – велат од „Ниту една повеќе!“.
Од движењето нагласуваат дека нивната акција е резултат на гневот и стравот за животите на жените во државата, кои често остануваат незаштитени од институциите. – Жените во оваа држава не се заштитени. Нашиот страв е за тоа уште колку жени живеат во насилство или под ризик од насилство, чии крици за помош се задушени секој ден. Но, истовремено е и резултат на нашата храброст и одлучност: наместо да се плашиме која ќе биде следна, тука сме да кажеме дека нема да има ниту една повеќе!“ – велат тие.
Целта на блокадата, според движењето, е да се покаже дека не може да се продолжи по старо и дека е потребна надеж и правда за сите жртви.
– Сакаме да изградиме заедништво и решително да покажеме дека не може да се продолжи како досега. Да покажеме надеж за иднина без насилство, но и должна правда за сите жртви кои не беа навремено заштитени – додаваат од движењето.
Организаторите порачуваат дека блокадата ќе биде и простор за граѓаните да се приклучат и да го споделат својот глас и искуство.
– Со блокадата сакаме да дадеме насока во која сметаме дека треба да се движат промените, но уште поважно, да оставиме простор за секој граѓанин да ни се приклучи, да каже гласно што мисли, како се чувствува и што треба да се подобри во системот – велат од „Ниту една повеќе!“.
Со овој протест, движењето повикува на одговорност и итни промени во законската, институционалната и општествената рамка.
– Делуваме во женска солидарност за да повикаме на одговорност и промена – законска, институционална и општествена за ниту една повеќе да не биде жртва. Ве повикуваме да ни се придружите и заедно да замислиме и изградиме поинаков све, свет без насилство врз жени – стои во нивното соопштение.