Нов, подобар и поспокоен живот. Приказни за магијата на враќањето на село – по пензионирањето
Малкумина Македонци сакаат да пропатуваат во своите пензионерски денови на места кои не ги виделе, по примерот на граѓаните на западните европски држави, но голем е бројот на оние кои што се враќаат во своите родни огништа од каде што потекнува нивното семејство.
Кирчо Анастасов
Што ги тера македонските граѓани да се вратат во своите родни огништа по пензионирањето? Кои се внатрешните мотиви што ги движат? Како изгледа нивниот нов начин на живот и секојдневието во селата? И што значи оваа тенденција за нашето општество?
Овие прашања заслужуваат внимание и одговори, а ние ќе ги истражиме преку оваа приказна, која ќе ви ги донесе животните приказни на неколку повозрасни повратници во село.
Од различни агли и со различни искуства, овие луѓе ги споделуваат своите патешествија и нови почетоци во средините каде што нивните корени длабоко се врежани.
Магијата на враќањето во родното огниште
Животот на трудољубивите луѓе знае да биде исполнет со многу подеми и падови во текот на работната кариера. Во потрага по својот вистински животен повик, луѓето обезбедуваат егзистенција за себе и своите најблиски на најдобар можен начин. Колку повеќе приближува времето за пензионирање, граѓаните размислуваат за оформување на нивната иднина како пензионери на различен начин. Малкумина сакаат да пропатуваат во своите пензионерски денови на места кои не ги виделе, по примерот на граѓаните на западните европски држави. Но, голем е бројот на оние кои што се враќаат во своите родни огништа од каде што потекнува нивните семејство.
Руралните места во крајниот исток на Македонија изобилуваат со традиција, култура, богатство на човечки карактери и судбини. Многумина коментираат дека е штета што голем дел од тоа духовно богатство, со промената на генерациите, заминува во заборав.
Потребата за спокојство ме врати дома, во Тработивиште
Васил Мaневски е еден од оние автори-дејци што со целото свое битие се трудат народното локално богатство да не изумре. Влегувајки во својата осма деценија од животот, тој веќе 20 години живее во своето родно село Тработивиште, со својата сопруга.
Васил, на настан на „Лице в лице“ во село Стар Истевник. Фотографија: Ирина Крстевска
– Спокојството на животот во село, познанството со сите луѓе таму, секојдневието… Тоа беше мотивот да се вратам од Делчево. Живеењето во стан во затворена просторија не ми одговараше на пензионерските години. Решивме со сопругата и веќе две децении си живееме во село Тработивиште. Имаме куќа, имаме мала земјоделска површина која ја обработуваме за сопствени потреби. Она што не може да се почувствува во градот, тоа го наоѓам тука – спокојството и секојдневното контактирање со соселаните. Во последно време ја работам монографијата за селото Тработивиште, собирам секакви податоци, фотографии и стари документи разговарам со стари луѓе. Тоа е она што ме мотивираше да си дојдам да живеам во селото- вели за „Лице в лице“, пензионираниот новинар Маневски.
Откако се пензионирав, не можев по цел ден да седам дома
Крум Николовски е пензионер кој што пензионерскиот живот го поминува на релација Делчево – село Косово Дабје, кое е на три километри од Делчево. Многу пати знае и да се „заборави” себеси и неколку денови во спокојството и во мисловни и работни процеси на својот имот кој што го има наследено од својот татко.
– Јас 31 година, живеев во центарот на градот Делчево. Никако не можев да се согласам, да се помирам со тоа дека после работните осум часа – треба да седам дома. Од дете сум научен да работам тутун, чување стока. После пензионирањето дојдов до ситуација „Што да правам сега?“. Затоа, одлучив, зедов еден мал трактор, и со него – садам градинарски култури, грав, компир, кромид. Така го поминувам и си го исполнувам времето. Не сум човек кој оди во кафеана, па седи цел ден таму. Но, и од здравствени мотиви претстојувам тука. Овде е толку убаво! Собираме лековити билки, чаеви… Луѓето плаќаат за да одат некаде во природа, а ние сме тука, во природа, на три километри од Делчево. Подобро е тука да работат, наместо да бидат во странство, да бидат секогаш странци, и да бидат измеќари. Измеќар да си бидеш на своето, од тоа нема подобро – вели Николовски, кој е некогашен раководител на Одделението за инспекциски надзор при Општина Делчево.
„Каменот си тежи на своето место“
Некогашниот свештеник, отец Димитар Темелков чиј што работен повик го носел во служба низ повеќе градови во истокот на Македонија, зборува за своите интимни причини зошто се одлучил за да се врати и да живее во родното село. Не пропушта да порача дека животот на село за него е задволство кое секој, ако може, треба да си го дозволи.
– Не беше тешка одлуката да си кажеме оти „Каменот си тежи на своето место”. Јас во својот работен однос секогаш си велев дека имам желба во последните неколку години, пред пензионирањето, да се вратам поблиску до родниот крај за да можам да го одржувам она што го оставил татко ми. Имотот кој што го поседуваме не е голем, меѓутоа за нас двајцата, со домаќинката, доволен. Одгледуваме земјоделски производи, произведуваме зелка, гравче, царевка. Си чуваме прасиња, а дојде сезона и за печурки, па одиме и собираме. Одгледуваме многу земјоделски производи кои што можат да излезат на пазарот… Од тоа се одржуваме, и доста сме задоволни од производството. Нашето село се наоѓа на едно такво место што е заокружено со водите на реките Брегалница и Желевица. Од таму ги наводнуваме своите ниви – вели Темелков.
Тој додава дека секој што може и сака да работи, може да дојде да живее в село и да знае дека ќе има барем мирен сон.
– Да има некаков мир и некакво задоволство. Во град да излезеш на пазар, ќе видиш јаболка, ќе гледаш ќе стрвуваш, треба пари да дадеш за тоа. Ќе дадеш, меѓутоа на село, ова го има на дрво. Ќе појдеш и ќе си набереш, си создал! Ќе препорачам на секој оној што може, и има услови, макар и да не се големи, за да има некое задоволство, да се врати во селото – нагласува тој, и со незапирлива и нескромна речивост зборува за својот пензионерски живот.
Добар воздух, добра вода, рајска градина
Како повратник од Швајцарија, и пензионерот Драган Стоичов, од село Град ги кажува своите мотиви и побуди зошто се вратил да живее во своето родно село.
– Во 1969 година, во месец март, кога заминав за Швајцарија, татко ми ми рече: „Каде и да одиш сине, да дојдеш тука да си живееш“ (во родното село Град). Кога работев градежништво во Швајцарија, гледав дека се продаваат евтини куќи и станови. Го прашувам шефот зошто е тоа така, тој ми вели: „Тие што имаат пари, тие тука не живеат (мисли на големите градови). Одат настрана, да си живеат мирен, тивок и спокоен живот“. И јас од овие две думи што ги имам слушнато, се вратив со семејството тука. Арно е, не може да се жалиме! Воздухот е добар, водата е чиста, планинска, мир и тишина, рајска градина – вели Стоичов.
На пат кон село, заради носталгија кон „едни подобри времиња“
Вакви приказни, како на нашите соговорници, има безброј низ целата наша држава. Тие се чувари на нашите родни огништа, на нашиот идентитет. Нивната улога и позиција треба да биде вистински препознаена, да биде искористено нивното знаење и потенцијал, за да изградиме подобар животен стандард за сегашните и идни генерации.
Од искажаните ставови и размислувања на овие неколку наши соговорници може да се изведат повеќе заклучоци во врска со мотивите и потребата да се вратат на сало да го продолжат својот пензионерски живот:
Речиси сите пензионери повратници своите намери за враќање и живот во село почнуват да ги манифестираат уште додека се во работен однос. Во најголем број случаи тоа се луѓе кои потекнуваат од село, односно своите детски години ги минале во село. Носталгијата како психолошка состојба на единката кон „едни подобри времиња” од младоста, веројатно е најважната причина која ги следи овие наши сограѓани сѐ до конечната одлука во своите пензионерски денови да се вратат на село.
Речиси сите пензионери-повратници се активни и во физичка, но и во интелектуална смисла. Согласно нивните знаења и капацитети, функционираат претежно на волонтерски план. Ова претставува и општествен феномен кој треба и мора да се искористи од страна на локалните институции во обезбедување на подобар животен стандард за целата локална заедница.
Покрај носталгијата, присутни се и други причини за носење на одлука за враќање и живот во село: здравствени причини, потреба од социјализација и интензивна комуникација со свои врсници, потреба од физичка активност, традиционални социолошки мотиви да се обезбеди континуитет на одржувањето на семејните имоти…
Фотографии: Кирчо Анастасов и Ирина Крстевска