„Нов светски поредок“ е насловот на плакатот што е поставен на Мала станица, а кој како подарок Националната галерија го доби од групата словенечки уметници насловена „Нов колективизам“ (Novi Kolektivizam) која е составена од светски призантите Дејан Кнез (Laibach), Миран Мохар (IRWIN), Дарко Покорн (Novi kolektivizam) и Роман Уранјек (IRWIN).
„Националната галерија е во тек со светските актуелни случувања во уметноста и со задоволство објавува дека е меѓу неколкуте избрани музеи и галерии кои добиле подарок од ‘Нов колективизам’. Делото е создадено на 25 март 2020 и е дел од нивната акција и верба дека како уметници тие исто така мора да бидат хроничари на едно време, а уметноста е вистинскиот медиум за искажување критички став. Дизајнот на плакатот ‘Нов светски поредок’ беше испратен на адресите на неколку светски музеи и галерии со кои тие соработуваат и чија работа ја почитуваат, со што повторно се потврди довербата што оваа уметничка група ја препознава во успешното работење на Националната галерија вклучувајќи ја преку проектот рамо до рамо со светски познати галерии и музеи“, стои во соопштението на оваа институција.
Оттаму истакнуваат дека новата аквизиција на Националната галерија е постер наречен „Нов светски поредок“ инспириран од сегашната пандемија на корона вирусот. „Постерот е создаден како одраз на тековните настани низ целиот свет, а потоа започнаа серија виртуелни изложби на постерот во повеќе светски градови (Њујорк, Москва, Рим, Париз, Пекинг, Лондон, Берлин итн.). Националната галерија со задоволство се приклучи на оваа акција заедно со други музеи и галерии и го изложија постерот во Скопје, а публиката веќе има можност да го види на објектот Мала станица“, додаваат од Националната галерија од каде истакнуваат дека со ова дело, „Новиот колективизам“ потврдува дека во рамките на култниот уметнички колектив НСК (Neue Slowenische Kunst) дизајнот бил и останува многу важен сегмент од нивниот визуелен идентитет.
Како што потсетуваат од Националната галерија најпознато дело на овој уметнички колектив е контроверзниот постер за штафетата на Денот на младоста во 1987 година, кој ги донесе во центарот на настаните во поранешна Југославија, а со новата акција тие само ги продолжуваат уметничките реакции на тековните историски настани како што дејствуваа уште од 1984 година од кога се основани.