Обуки за млади кои сакаат да развијат социјално претпријатие
Младите невработени лица или младите ангажирани во социјални претпријатија имаат можност да се пријават за обуки кои ги организира Националниот младински совет на Македонија (НМСМ).
-Преку овие обуки, кои ги спроведуваме во рамки на проектот „Социјално претприемништво за младинско вработување“, младите ќе се стекнат со потребните вештини за основање сопствено социјално претпријатие, како модерен начин на самовработување. Повикот е отворен сè додека не се пополнат сите места – велат од НМСМ.
Додаваат дека целта е да се намалат и неутрализираат предизвиците со кои младите се соочуваат во нивните обиди да основаат сопствено социјално претпријатие и ќе им помогнат во нивниот професионален раст и развој.
Обуките се наменети за млади на возраст од 18 до 29 години, а меѓу условите е и тие да се невработени или да се вработени / ангажирани во социјално претпријатие.
Ќе се одржат вкупно 12 обуки, поделени во три програми:
Обуки за меки вештини – на кои учесниците ќе развијат меки вештини како комуникација, лидерство, тимска работа, професионални вештини, ИТ меки вештини, итн. Секоја од обуките за меки вештини ќе трае 3 дена.
Обуки за претприемништво – на кои учесниците ќе се стекнат со потребните знаења за основање и управување со сопствено социјално претпријатие, развој на бизнис план, запознавање со законските и административните одредби за започнување и управување со социјално претпријатие, управување со човечки ресурси, вмрежување итн. Секоја од обуките за претприемништво ќе трае 2 дена и ќе се одвиваат онлајн.
Обуки за прибирање средства и за комуницирање со заедницата – младите претприемачи и млади лица вработени во постоечки социјални претпријатија ќе бидат обучени како успешно да водат кампања за прибирање финансиски средства за нивното социјално претпријатие и како да комуницираат со нивната заедница и целна група. Овие обуки ќе траат 2 дена и ќе се одржуваат онлајн.
Заинтересираните треба да го пополнат формуларот достапен на овој линк.
Повеќе за обуките, условите и начинот на аплицирање, дознајте на следниот линк.