Одбележување на неделата на продавачи на уличен печат: Гордо ја носам униформата на „Лице в лице“
Пандемијата го измени начинот на работа на продавачите на уличен печат низ светот, влијаеше и на нивната мотивација за работа, но, не ја намали подготвеноста за нови успеси.
Изминатава една недела, веќе 10-та година по ред, „Лице в лице“ ја одбележува Меѓународната недела на продавачи на уличен печат (од први до осми февруари), но поради ковид кризата, со помалку активности од вообичаено.
Во рамки на ова Неделата беше организирана акцијата „Лице в лице на гости“, на која, се придружија компании/поддржувачи на мисијата на уличното списание, кои беа домаќини на продавачите. Тие, пак, им го понудија актуелното издание на вработените. Ваквата соработка е од исклучително значење затоа што делува мотивирачки за продавачите кои се работно ангажирани.
– Како продавач на „Лице в лице“ гордо си ја носам униформата на себе и актуелното бројче во рака. На почетокот ми требаше време да осознаам некои моменти на продажба, ама сега ми се подобри самодовербата и секојдневно запознавам нови луѓе. „Лице в лице“ го мислам и кога се враќам од школо, па поминувајќи покрај еден куп кафулиња, си велам „Еве тука можам да продавам после!“. Ме исполнува сега за сега, навистина, но би сакал за 3-4 години гордо на себе да носам униформа од полиција, исто како што денес гордо ја носам оваа. Ако ме прашате зошто? Затоа што ја сакам правдата! – вели продавачот Неџат Камбери од Скопје.
Слично искуство има и Далибор Станковски од Делчево, каде од неодамна, исто така, се продава „Лице в лице“.
– Тоа што сум продавач на „Лице в лице“, за мене донесе многу позитивни реакции од луѓето кои ги знам. И јас се чувствувам поинаку, иако зимата навистина отежнува да движам, но се радувам на пролетта! Ќе бидам најзадоволен ако имам продадени 200 списанија оваа година месечно, тоа ми е целта! Затоа, драги сограѓани од Делчево, купувајте од мене и читајте „Лице в лице“ – повика Станковски, вклучен во процесот преку организацијата „Бравура Кооператива“.
Работата на продавачите на „Лице в лице“ ја поздрави и поддржа и поетесата Ана Голејшка Џикова.
– На сите продавачи им посакувам могу успех во работата, многу продадени списанија, чесна заработка, запознавање со многу луѓе и промена во нивниот живот на подобро – порача Ана, откако им беше и директна придружба во процесот на работа.
Компаниите, кои ја поддржуваат акцијата „Лице в лице на гости“, велат дека ваквиот чекор на соработка особено ги радува, затоа што значи придонес кон целата заедница.
– Преку програмата за волонтирање, успеавме кај вработените да го поттикнеме волонтерскиот дух и заеднички да вложиме во унапредување на квалитетот на живот во локалните заедници. Со учество во акцијата „Лице в лице на гости“, помагаме да се развие и свеста за индивидуалната филантропија што е подеднакво важна компонента во општественото живеење. Прославата на јубилејот на „Лице в лице“ покажува дека социјалната економија може да биде одржлива, а нашата поддршка продолжува и понатаму, велат од ЕВН Македонија, долгогодишен партнер на „Лице в лице“, што се приклучи на акцијата „Лице в лице на гости“, во рамки на одбележувањето на Меѓународната недела на продавачи на уличен печат.
Продавачите на „Лице в лице“ изминативе денови го понудија списанието и на сите вработени во Комерцијална банка АД Скопје.
– Социјалното претприемништво и подобрувањето на квалитетот на животот на ранливите групи има многу благородна цел и е од клучно значење за социјална инклузивност и создавање еднакво општество за сите. Менувањето на работите и прогресот се во основата на севкупниот развој. Комерцијална банка ги препознава овие вредности во целокупната своја деловна култура и ги поддржува и поттикнува преку своите општествено одговорни практики. Веруваме дека „Лице в лице“ е програма на која ѝ претстојат уште многу успешни години и посакуваме да се стремите кон уште поголеми и позначајни цели – порача Маја Стевкова Штериева, член на Управниот одбор и претседател на Координативното тело за општествена одговорност на Комерцијална банка АД Скопје.
Инаку, платформата за одржлив развој, „Лице в лице“, оваа година одбележува десетгодишнина од својата работа и постоење. Деценија од движењето на мисијата која има за цел да го унапреди квалитетот на животот на ранливите лица сограѓани, преку нивен работен ангажман, но, и да укаже на потребата од постоење систем во кој сите се еднакви, посебно преку содржините кои повикуваат на будност и акција.
Десетгодишнината низ бројки, означува и 48 изданија, 3100 инклузивни страници, 150 вредни продавачи низ улиците на осум градови во земјава, 235.000 испечатени примероци, и огромен број соработници и поддржувачи.
„Лице в лице“ е улично списание (социјално претпријатие за работна интеграција) кое излегува од септември 2012 година..
Половина од сумата на списанието (кое чини 100 денари) е директна заработка за продавачот (доколку го купите списанието директно од продавач на терен или преку неговата веб продавница), или се вложува во инклузивни програми како поддршка на продавачите за градење вештини и за нивно вклучување на отворен пазар на труд.
Останатата половина се вложува во создавање нови содржини, печатење на списанието, развој на платформата за одржлив развој.
Списанието врши двојна улога – ги засилува ранливите сограѓани, но, и ја подигнува јавната свест за прашања што нѐ засегаат сите нас – одржлив развој, социјална вклученост, демаргинализација на групи и на поединци, образование, еколошка свест, културен развој, активизам во уметноста и во културата, општествена одговорност, волонтерство, кои се и дел од темите што се во фокусот на списанието.