Доза вести

Одговорноста е составен дел од среќата

Светов галопира кон својата пропаст. Како да не беше доволно глобалното затоплување, за кое не се ни преземаа одлучни чекори, па некои од светските моќници решија да залеат уште малку нафта на пожарот и започнаа нова војна во Европа. Ете тоа сме ние – хомо самонаречени сапиенси.

И во оваа малку надежна ситуација, нашето мало семејство се обидува да се однесува како она колибри од приказната – шумата горела, сите животни бегале, само тоа летало напред-назад наспрема шумата носејќи по некоја капка во клунот за да го угаси огнот. Секако знаело дека самото не може наспроти таа стихија, но не можело поинаку – шумата за него била сѐ.

Така и ние, наспроти општата апатија, се обидуваме да го правиме најдоброто што можеме. А зошто? Зошто, кога очигледно нема мнозинство кое би направило пресвртница и целиов овој напор може да биде залуден? Затоа што мислиме дека одговорноста е составен дел од среќата. Неодговорен човек не може да биде среќен, колку и да се обидува да се убедува самиот и останатите во спротивното. Дури и да живееме во најубавата палата, на најубавото место во светот, ако носиме ѓубре во душата, така и ќе се чувствуваме. Па и да го завртиме светот наопаку – пак ќе се соочиме со истиот мрак.

Но, далеку од некакво херојство, она што го правиме се некои секојдневни промени во животните навики кои би сакала да ги сумирам и да го проценам нивниот импакт.
Што сменивме во нашето секојдневие откако ја оформивме нашата мала заедница?

Најпрво, го променивме нашето место на живеење. За да не придонесуваме и самите кон загадувањето на скопскиот воздух се преселивме на место каде можеме пеш, со велосипед  или достапен јавен превоз да стасаме до работните места и училиштето. Секојдневното го сменивме со повремено користење на автомобил.

Второ, ги променивме навиките за купување. Се обидуваме да купуваме само она што ни е навистина потребно, односно да се однесуваме според еколошкиот принцип – редуцирање. Исто така, обрнуваме внимание на квалитеот на она што ќе го купиме, се трудиме да не купуваме импулсивно. Тоа понекогаш знае и да ни го продолжи престојот во продавницата бaрајќи го производот кој најдобро е да ги има трите карактеристики – да е македонски, да е локален и да е органски. Поради тоа станавме и членови на задруга за здрава храна каде се нудат токму таков вид на производи. Амбалажата секако е многу важен фактор при купувањето. Колку што можеме одбираме хартиена или стаклена амбалажа. Во однос на амбалажата особено нѐ израдува компанијата за производство на органски млечни производи кои вршат реупотреба на стаклените садови во кои ги носат млечните продукти. Земајќи предвид дека просечно користиме осум литри млечни производи во неделата, тоа би значело дека сме спречиле околу 420 шишиња годишно да завршат во депонија.

Трето, се обидуваме посовесно да го користиме она што веќе сме го купиле. Дел од алиштата кои ни се скинати ги шиеме или ги преадаптираме на шивач. Готвиме онолку храна колку што можеме да изедеме. Сѐ што не сакаме повеќе да консумираме (храна, облека, предмети), а е употребливо – го даваме. Неупотребливата амбалажа ја носиме на рециклирање. На тој начин ќесата за ѓубре ни е претежно полна со органско ѓубре, но за жал нема компостара во близина на нашиот стан за да го претвориме во корисно ѓубриво.

Откако решивме да ги применуваме, овие навики ни станаа рутина која ни најмалку не ја чувствуваме како оптеретување. Всушност, мислиме дека ова е најмалку што можеме да направиме. Верувам дека читателите на ова списание ги применуваат овие принципи во поголем или помал обем. Се надевам дека „колибри семејствата“ ќе станат наскоро мнозинство и дека заедно ќе успееме да го угасиме пожарот. Ако не за нас, барем за оние кои доаѓаат по нас.

Г. Д.

(Авторката на блог текстот е долгогодишна читателка на „Лице в лице“)

Напишете коментар