Осмо издание на Бич филм фестивал во Охрид: Европски филмови под отворено небо

Со проекции на неколку европски филмски остварувања, вечерва во 20.30 часот на плажата „Славија“ во Охрид започнува осмото издание на „Бич филм фестивал“. На отворањето ќе бидат прикажани филмовите „Амра“ и „Состојба на умот“, и „Губење рамнотежа“ додека паралелна програма ќе се одвива и на плажата „Сараиште“ со филмовите „15 години и еден ден“ и „Млад шаман“.
Фестивалот ќе трае до 27 јули и ќе се одвива на четири локации на отворено. Освен плажите „Славија“ и „Сараиште“, филмски проекции ќе има и во Младинскиот центар во Охрид и бродот „Армада“. Публиката ќе има можност да погледне над 60 филма од современата европска кинематографија, а во рамки на фестивалот се најавени и детски работилници, како и музички забави по секоја филмска проекција.
Фестивалот има натпреварувачки карактер, а ќе бидат доделени награди за најдобар долгометражен, краткометражен филм, актерско остварување, како и специјално признание за најдобар студентски краткометражен филм.
Деталната програма е достапна на овој линк.