Доза вести

Отворен повик за учесници и волонтери на 10. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“

Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ отвори повик за учество и за волонтери за претстојното 10. јубилејно издание што ќе се одржи од 5 до 10 октомври во Младинскиот културен центар и Кинотеката на Северна Македонија.

„На повикот може да се пријават ученици од шесто одделение до четврта година средно образование. Местата се ограничени, а учеството на фестивалот е бесплатно“, информираат организаторите.

Во повикот е наведено дека учесниците ќе бидат поделени во три категории и тоа, јуниори (од 6. до 9. одделение), кадети (1. и 2. година средно училиште) и сениори (3. и 4. година средно училиште).

Заинтересираните може да се пријават преку следниот линк.

„’Џифони Македонија’ е во потрага и по волонтери, ентузијасти (18+) кои би сакале да се приклучат на десеттото издание и да бидат дел од тимот на фестивалот“, се вели во повикот.

По две години пауза, во меѓународното жири повторно ќе се вклучат над триесет млади учесници од неколку европски земји, а предвидени се и гостувања на реномирани домашни и странски уметници и други изненадувања.

„Програмата предвидува шест дена исполнети со филмови, уметност, креативност, музика, дружба и радост за над 600 ученици од основните и средните училишта, бројни гости, соработници и пријатели од цела Европа“, информираат од организацијата.

Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Министерството за култура на Северна Македонија, Министерството за култура на Италија, Амбасадата на Италија и Градот Скопје, Младинскиот културен центар и Кинотеката.

Напишете коментар