Доза вести

ОУ „Григор Прличев“ од охрид доби сензорна градина наменета за ученици со попреченост

Основното училиште „Григор Прличев“ во Охрид, ја доби првата сензорна градина во Охридско – струшкиот регион, со што станува побогато инклузивно и пристапно место за учениците со типичен и атипичен развој. Ова е прва сензорна градина која Халкбанк ја донира во рамките на нејзината соработка со Фондацијата „Чекор по чекор“, како дел од  проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“.

„Халкбанк поттикнува чекори кои го подобруваат квалитетот на животната средина и на живеењето во нашата заедница, па токму затоа со задоволство учествувавме во создавањето на оваа сензорна градина. Ова е уште еден проект кој влегува во рамките на нашите платформи за општествена одговорност, ХалкЕко и Халки. Еднаквите можности за развој на децата, во безбедна и пристапна училишна средина, е уште една важна заложба на нашата компанија. Затоа им благодариме на Фондацијата „Чекор по чекор“ кои преку проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ ни овозможија да придонесеме во градење на еко инклузивните училишта во земјата“, посочи Маја Наумовска Савеска од Халкбанк.

Оваа сензорна градина во основното училиште „Григор Прличев“ во кое се образуваат повеќе од 1000 ученици е од огромна важност и за Општина Охрид.

„Сензорните градини се новитет во нашата држава, а нам ни е задоволство што ние ја имаме првата во општина Охрид и околните општини. Оваа градина нуди широк спектар на сензорна стимулација на учениците со попреченост, но и на сите ученици, и со неа ја подобруваме инклузивноста на нашето училиште и пристапноста на образовните програми до сите ученици“ – изјави градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков.

Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“, кој е финансиран од Европската Унија и со кој раководи Фондацијата „Чекор по чекор“, 15 месеци успешно работи во насока на суштинско вклучување на учениците со попреченост во редовните основни училишта.

Со обезбедување пристапни и стимулативни средини за учење, како и висококвалитетна прилагодена настава за учениците, училиштата опфатени со проектот стануваат места со еднакви  можности за образование на децата, вклучително и оние со физичка, сетилна и интелектуална попреченост.

„По една година спроведување на проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран“ кој е финансиран од Европската Унија, ја имаме и првата сензорна градина, која ќе биде место каде секојдневно ќе се поттикнуваат способностите и вештините на учениците и ќе се унапредува нивното учење преку соодветна сетилна стимулација. Благодарни сме бидејќи реализираме уште една активност заедно со општествено одговорните компании како Халкбана и заеднички одиме на нашата патека за создавање училишта без бариери“, рече Елена Мишиќ од Фондацијата „Чекор по чекор“.

Сензорната градина во Охрид е втор проект поддржан од Халкбанк во рамки на платформите ХалкЕко и Халки, а во соработка со Фондацијата „Чекор по чекор”. Но истовремено, е дел од низата големи активности кои банката ги има преземено за подобра животна средина и подобро општество во земјата.

Напишете коментар