„Пејзаж на вознемиреност – единаесет критични жешки точки во Македонија“ во МСУ
Вечерва во Музејот на современата уметност, во 19 часот ќе биде промовиран настанот „Пејзаж на вознемиреност – единаесет критични жешки точки во Република Северна Македонија“, во чии рамки е предвидена промоција на публикација, изложба на фотографии и презентација на проф. д-р Трајче Стафилов и Тихомир Топузовски
Настанот е резултат на неколкумесечното истражување и изложба со истоимениот наслов и се однесува на Република Северна Македонија како една од земјите на Западен Балкан кои претставуваат средиште на загадувањето во Европа, пред сѐ, поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии, како и енергетската сиромаштија на населението. И низа други фактори кои во континуитет го загадуваат воздухот, водата, загрозувајќи го севкупниот биодиверзитет на земјата, предизвикувајќи негативни влијанија врз животната средина и здравјето на граѓаните.
Публикацијата е дел од проектот „ПЕЈЗАЖ НА ВОЗНЕМИРЕНОСТ- КУЛТУРА И УМЕТНОСТ ЗА ИДНОТО КОЕГЗИСТИРАЊЕ СО ЕКОЛОШКИТЕ КРИЗИ И КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ’ и започнува со објаснување и визуализирање на таканаречените жешки точки на Македонија, односно антропогеоморфолошки пејзажи, каде нивната ургентност за решавање произлегува од критериумите како количеството на отпад, токсичноста, близината до населените места и концентрацијата на опасни хемикалии. Во продолжение, се прикажани работилниците кои беа дел од проектот, реализирани во Велес, Битола и Преспа, со цел подигнување на свеста и мобилизација на граѓаните околу прашањата на локалните девастирани животни средини; и третиот дел се однесува на изложбата во Музејот на современата уметност во Скопје во март 2023 година, која е создадена од сите учесници вклучени во проектот, каде се истражуваа и практикуваа нови модели на соработка, стратегии и иницијативи кои подразбираат заедничко дејствување.
Изложбата ја градат фотографии од единаесет жешки точки лоцирани од професорот Трајче Стафилов и кои се однесуваат на конкретни локации на активни и затворени индустриски објекти кои генерираат отпад и ја загадуваат животната средина со тешки метали. Единаесетте жешки точки се рангирани по опасност на овие жешки точки, а критериумите се количеството на отпадот што го создаваат, токсичноста, колку локацијата е блиску до населено место, концентрацијата на опасните хемикалии во отпадот, во каква форма се и други фактори.
Во рамки на настанот свои обраќања ќе имаат и проф. д-р Трајче Стафилов и Тихомир Топузовски.