Петар Андоновски добитник на Европската награда за литература за романот „Страв од варвари“
Романот „Страв од варвари“ од Петар Андоновски, издание на „Или-Или“ е добитник на Европската награда за литература.
Тој е добитник на ова признание заедно со уште 13 европски писатели.
Покрај Андоновски, во потесната конкуренција за наградата има уште тројца македонски писатели – Давор Стојановски со „Утеха за голите“, Ѓорѓи Крстевски со „Другата страна“ и Михајло Свидерски со „Последните денови на Ханс“.
Во потесниот избор за наградата имало 47 автори од 13 европски земји.
Петар Андоновски (1987, Куманово) е автор на: „Ментален простор“ (поезија, 2008), „Очи со боја на чевли“ (роман, 2013, три изданија), „Телото во кое треба да се живее“ (роман, 2015, три изданија), „Страв од варвари“ (роман, 2018).
Добитник е на наградата Роман на годината на Утрински весник за романот „Телото во кое треба да се живее“.
Во предговорот на романот Лидија Капушевска Дракулевска вели дека во романот наизменично се испреплетени два наративни тека на два женски гласа: Русинката Оксана и Гркинката Пинелопи. Наспроти општопознатата метафора на името на Гркинката (експлицитната алузија на Пенелопа кај Хомер), помалку е познато дека и името Оксана, покрај словенското (украинско) потекло (со значење: во слава на Бог), во превод од грчки значи „странец“, но и „гостољубив“, што исто така добива метафорички конотации во контекст на романот.