Писмо до мене од младоста

Писмо до мене младиот – Ѕвездан Георгиевски: Да се биде новинар, па нека боли!

Време на читање: 5 минути

Дали болеше? Болеше, богами. Некогаш и неподносливо. Ќе има свијоци на патот, џумки од кои ќе се сопнуваш и ќе паѓаш. Некои лузни ќе ти останат засекогаш, како некакви знаци на тој пат. Ќе работиш сешто, ќе преведуваш книги, ќе организираш културни настани, ќе работиш по видеотеки, ќе приредуваш зборници, ќе учествуваш во разни проекти… И сето тоа само со една цел – за да можеш да бидеш новинар со дигнитет и достоинство!

Ѕвездан Георгиевски

Драг јас, пријателите од „Лице в лице“ ми ја дадоа единствената можност да ти се јавам, да те посоветувам и да ти кажам каде да не грешиш и што треба да направиш. А, јас, ете, не знам што да те советувам. Јас дури и не можам да те препознам, а камоли да ти објаснувам каде и како треба да зачекориш.

Те гледам како 19-годишник, во таа, сега веќе далечна 1980 година и знам дека многу малку те интересира иднината. Исто како што не те интересира ниту вчерашниот ден. Во твојата меморија има многу малку спомени, зборот „каење“ воопшто не постои во твојот речник. Тешко донесуваш одлуки, ама тогаш кога ќе ги донесеш не ги преиспитуваш повеќе и не се заморуваш со прашањата од типот: „Што ќе беше, ако беше?“. И таков ќе останеш до крајот на твојот живот или барем четири децении подоцна.

Студент си на Интердисциплинарните студии по новинарство. Зад себе веќе го имаш со авто-стоп поминато Јадранскиот брег. Дури имаш спиено во вреќа за спиење на некои локални католички гробишта (врз оние мермерни плочи) на хрватското крајбрежје. Имаш отидено на шверц на фармерки во Трст. Ги имаш поминато првите летни и зимски љубови. Некоја Унгарка во Варна, Бугарија, некоја Словенка во Сребрено крај Дубровник, Хрватска… ама не мислиш на нив и не страдаш по нив. Ти не си и никогаш нема да бидеш човек од спомени и човек со визии. Ти си момче што му се препушта на денот и не очекува ништо од него.

Одамна знаеш дека си несигурен во комуникацијата со девојките. И, воопшто, дека си тремаџија во социјалните односи; дека ти се тресат рацете секогаш кога ќе се најдеш во некоја ситуација што не ти е блиска; дека се блокираш секогаш кога треба да се обратиш на аудиториум, поброен од тројца луѓе… Ама и тоа не ти е важно. Па, токму затоа се запиша на ‘Новинарство’. Затоа што знаеше дека професијата е поголема од животот; дека луѓето си заминуваат, а професијата останува… Знаеше дека во името на професијата, во името на јавноста, тремата не може да биде пречка. Едноставно, поверува дека професијата ќе ти донесе повеќе самодоверба. Нешто што толку многу ти недостасува.

И што можам сега да ти кажам? Бадијала е сега да ти велам дека треба да избереш професија што би ја работел не за пари, туку од задоволство. А ако некој нешто плати, тогаш си чист ќар. Бадијала е, велам, затоа што ти веќе го имаш тоа искуство, па уште како гимназијалец, со цела онаа трема, се обидуваше да пишуваш за тогашните младински весници. Без пари, се разбира. Само за да научиш, да видиш… Ќе го правиш тоа и дури си студент, ама ќе имаш среќа, (а главно секогаш имаш среќа) да учиш од најголемите мајстори на занаетот. Знаеш дека во некои поинакви времиња за таква школа се плаќало, па никогаш нема да почувствуваш дека си експлоатиран или злоупотребен. Не. Ти само учиш. И во еден момент ќе станеш почитуван новинар. Ќе соработуваш со многу медиуми, тука и надвор. Самиот ќе формираш медиуми што ќе бидат важни во нечии животи. И последната од овие четири децении што нѐ делат ќе бидеш без официјален ангажман, без постојана работа. Дали ќе биде тешко? Ќе биде. И често ќе ти паѓа на ум насловот од твоето студентско интервју со доајенот на југословенското новинарство Љубомир Рајнвајн: „Да се биде новинар, па нека боли!“ А болеше, богами. Некогаш и неподносливо. Ќе има свијоци на патот, џумки од кои ќе се сопнуваш и ќе паѓаш. Некои лузни ќе ти останат засекогаш, како некакви знаци на тој пат. Ќе работиш сешто, ќе преведуваш книги, ќе организираш културни настани, ќе работиш по видеотеки, ќе приредуваш зборници, ќе учествуваш во разни проекти… И сето тоа само со една цел – за да можеш да бидеш новинар со дигнитет и достоинство!

И што можам да ти кажам сега? Што да те советувам: да се откажеш додека е време, зашто новинарството е најубавата професија, ако на време ја напуштиш? Не, се разбира. Она што уште не го знаеш, ама ќе го дознаеш,  е чувството што ќе те обземе кога ќе видиш дека работите се поместиле макар еден милиметар кон подобро, само како резултат на некој твој текст. Уште не знаеш, ама набргу ќе дознаеш која привилегија е да поседуваш повеќе информации од „обичниот“ човек и да можеш да ја видиш целата слика, а не само некои нејзини делови. Ќе дознаеш кое богатство е да се дружиш со луѓе-планини, луѓе на кои си им се восхитувал отсекогаш. Која убавина е да правиш интервјуа со хероите на твоето растење. Ти ќе го менуваш светот! Можеби само твојот микро-свет и твојата околина, ама, ќе признаеш, тоа е огромна привилегија.

Имаш километража, а да не си свесен за тоа. Тогаш веќе ги имаш откриено Томас Вулф, Далтон Трамбо и Џозеф Хелер (никогаш повеќе нема да ги препрочиташ „Погледни го домот свој, ангелу“, „Џони тргна во војна“ или „Квака 22“, а не си ни свесен колку влијаеле и влијаат врз твојот карактер и врз твојата работа). Одамна веќе секој петок купуваш „Политикин забавник“ и „НИН“, а секој ден „Политика“ и „Нова Македонија“ и уште куп весници и списанија по случаен избор. Веќе имаш прочитано илјадници рото крими-романчиња и научно-фантастични приказни. Некои од нив ќе ги помниш и кога ќе стасаш на моите години. Подеднакво те интересира сѐ, и спорт, и култура, и економија, и политика… Разглобуваш со пријателите за Југославија после Тито. Ги објаснуваш предностите на повеќепартискиот систем (иако, тој на крајот ќе се претвори во нешто сосема поразлично од твоите теории), се застапуваш за социјална правда. До тебе стасуваат забранетите книги од најголемиот тогашен југословенски дисидент Михајло Михајлов (многу подоцна ќе станете пријатели). Тогаш го формираш твојот најголем квалитет – знаеш да го препознаеш важното од помалку важното. Знаеш да ги „читаш“ денот, неделата, годината… Знаеш која е најважната тема во моментот, а која е помалку важна. Наскоро ќе бидеш свесен дека оваа вештина не носи само придобивки. Напротив! Носи непријатели и непријатности. Затоа што ти си слуга на твојата професија и тука нема компромиси.

Сега ќе го запознаеш и твојот пријател и колега Гоце, кој многу подоцна, во еден разговор ќе ти каже дека никогаш не би се вратил во доцните тинејџерски години: „Да се вратам во младоста? Бог да чува! Мислиш дека ќе бидам нешто попаметен. Не, ќе бидам истата будала, а уште еднаш да го кркам истиот пат, не ми паѓа на ум“. И ќе се сложиш со него. Само што треба да знаеш дека будалаштините не се само составен дел од животот, туку тие се онаа мирудија што му го дава неговиот вистински, оригинален вкус. Верувај ми, кога ќе дојдеш на мои години нема да се сеќаваш ни како заглави во полиција поради твоите наводно јавно изречени политички ставови; нема да се сеќаваш ни дека те нарекуваа „стратешки партнер на Утрински весник“, демек преку паричните казни што ги добиваше речиси секој месец, излезе дека ти си вложил најмногу пари во готово во весникот; нема да се сеќаваш ни наградите и признанијата; нема ништо да ти значи било која и било чија пофалба… Ќе се сеќаваш на глупостите што си ги правел со твоите драги луѓе. И сето тоа ќе бидат „стари, добри времиња“.

Сега те гледам јасно и чисто. Стоиш збунет и по малку демодиран на раскрсницата од животот и решаваш да не мислиш на вчера, а уште помалку да мислиш на утре. Не мислиш ни на денес. Едноставно, пушташ да те влече струјата на денот. Единствено што можам да те советувам од позицијата што сега ја имам е да се вооружиш со повеќе самодоверба. Повеќе да веруваш во себе и во сопствениот инстинкт.

И да бидеш новинар! Па и нека боли!

Фото: Владимир Плавевски

(Содржината е објавена во 39-то издание на „Лице в лице“)

Напишете коментар