Пловен базар на Охридското Езеро: Креативна симбиоза на уметноста, занаетчиството и природата

Со тестирање на пловен базар, во езерските води во Струга, денеска, ќе биде заокружена меѓународната резиденција „Lakescape“, дел од истоимениот проект кој се спроведува на бреговите на трите големи европски езера: Ванерн во Шведска, Балатон во Унгарија и Охридското Езеро во Македонија.
На овој настан, кој ќе започне од 17 часот кај платформата на „Пливалиште“, неколку локални артизани и учесниците од меѓународната резиденција, ќе впловат во езерото и ќе ги преселат своите дуќанчиња во чамци, за да се здружат со него и заедно да промислуваат нови креативни можности за симбиотична и одржлива соработка помеѓу човекот и животната средина.
– Ја покануваме јавност да се придружи на ова несекојдневно искуство и да придонесе кон одржливоста на креативната крајезерска заедница. Обезбедивме превоз до пловниот маркет – со кајак и СУП даски а се погриживме и да има добро расположение со музика и освежување – велат организаторите на настанот ИНКА – Здружение Иницијатива за независен активизам Струга, кои заедно со и логистичките партнери Europe House Struga и Спортскиот клуб „Соларис“, се одговорни за овој настан.
Учесници на базарот се: Sanja Mikrogreens, Порака Нова, Дуќан, Bache handmade design, Макало од Десе, Леска Крафт, Dijana handmade, Another universe manufacture, Kalin ceramics, SAVE – Sustainable fashion shop, Плетени приказни, Дарови од природата.
Покрај локалните артизани, на настанот ќе може да се посети и чамецот на дизајнерите од меѓународната резиденција – Linnéa Ekelöf, Marianne Hellman, Hajnal Gyeviki и Дуото „Оаза“.