Доза вести

По Венеција, „Мајка“ пристигнува дома – новиот филм на Теона Стругар Митевска од 16 октомври во кината

По успешната светска премиера, новиот филм на Теона Стругар Митевска, „Мајка“, од овој четврток, 16 октомври 2025 година ќе започне да се прикажува во сите кина низ Македонија. Публиката ќе има можност да го погледне остварувањето, кое, како што најавуваат продуцентите, носи длабока и инспиративна приказна заснована на животот на Мајка Тереза.

Филмот е интимен портрет на една од највлијателните хуманитарки на 20. век, фокусирајќи се на нејзината внатрешна борба, верба и мисија. Главната улога ја толкува светски познатата актерка Номи Рапас. Дел од актерската екипа се и Никола Ристановски и Силвија Фокс. Сценариото е заеднички труд на Теона Стругар Митевска, Гоце Смилевски и Елма Татарагиќ.

Ова филмско остварување е поддржано од бројни европски и светски филмски институции, а продуцентка е Лабина Митевска. Директорка на фотографија е Виржини Сен Мартан, сценограф е Вук Митевски, а прв асистент на режија Јане Ќортошев.

„Мајка“ ја имаше својата премиера на престижниот Филмски фестивал во Венеција, каде што го отвори програмскиот сегмент „Хоризонти“, посветен на иновативни филмски дела. Овој успех претставува уште едно големо признание за македонската кинематографија и за авторскиот пристап на Митевска.

Фестивалското патување на „Мајка“ не завршува тука, напротив, филмот токму сега го обиколува светот. Во наредниве два месеци, филмот ќе биде прикажан на 23 фестивали ширум светот. Покрај прикажувањето дома, „Мајка“ е дел од програмите на голем број интернационални фестивали од највисок ранг.

Оваа недела, со распродадени билети, филмот се прикажува на големиот „Лондон филм фестивал“ во Велика Британија и „Гент филм фестивал“ во Белгија. Во октомври и ноември ќе биде дел од повеќе фестивали во Франција, Швајцарија, Германија, Шпанија, Израел, Чешка, Словачка, Естонија, Романија, Италија, Словенија, како и на престижниот Филмски фестивал во Солун.

Филмот е селектиран и на неколку од најценетите прекуокеански фестивали, „Фестивал до Рио“ во Бразил, влијателниот „Токио филм фестивал“ во Јапонија, „Калкута филм фестивал“ во Индија и „Маракеш филм фестивал“ во Мароко.

Посебно значајно е вклучувањето во натпреварувачката програма на вториот најважен фестивал за директори на фотографија во светот, „Камеримаж“ во Лоѓ, Полска. Режисерката на филмот пак, Теона Стругар Митевска ќе биде претседателка на главното жири на Интернационалниот филмски фестивал во Талин, Естонија.

Филмот ја започнува и својата кино дистрибуција низ Европа со отворањето во Белгија на 5 ноември и во Франција на 3 декември.

Напишете коментар