Патувачкото кино на „МакеДокс“ го почнува своето тринаесетто патување, и годинава ќе се одржи во два дела. Првиот дел од 18 до 24 јули ќе се одржи во Струмичкиот регион, додека вториот дел, во септември, ќе се одржи во Преспанскиот регион.
-Почнуваме од селото на две реки, Турија, на исток, и Струмица на запад. Продолжуваме во подножјето на Еленица, помеѓу Плавуш и Смрдеш во некогашно Палеокастро, каде се плетеле кошници и печеле грнени садови. Одиме во зелен спокој каде ќе уживаме во румени домати, лубеници, дињи, но и во праз на кој му е посветен еден цел фестивал во комшии. Продолжуваме во селото на војводите, „селото на осамената куќа“, комшија на Еднокуќево, а по него кај Босилко. По течението на Гарлиева чешма крај ендемските папрати ќе завршиме со приказните крај водопадите, во селската идила крај чардаците со Габровчани, информираат од „МакеДокс“.
Велат магаренцето ќе носи приказни, но и ќе собира.
-Ќе собира приказни од правнуците на комитите на југоистокот чии прадедовци ги предизвикале светските медиуми да пишуваат за Македонија со месеци уште во првата година од 20. век. Ќе собираме приказни за мравјалниците, блатото, ендемската флора, но и за одсекот на македонскиот петвековен крик – приказната за првото модерно киднапирање во светот, велат од тимот на „МакеДокс“.
Во рамки на Патувачкото кино ќе се одржи и првата сесија од четвртата генерација на школата за млади документаристи – „ДокуНикулци“. Тие на Патувачкото кино ќе се запознаат со документарниот филм, ќе развиваат свои приказни, ќе работат на нив во текот на годината и ќе ги прикажат на следното издание на фестивалот „МакеДокс“.
Патувачкото кино е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Националната фондација за демократија од Вашингтон и општините Струмица, Босилово и Василево.
Распоред на проекции:
18.07. – Пиперево
19.07. – Вељуса
21.07. – Моноспитово
22.07. – Босилово
23.07. – Габрово
*Проекциите се бесплатни и почнуваат во 21 часот.