Доза вести

„Под исто небо“ ќе ги обедини сите вљубеници во литературата и уметноста за деца

Време на читање: < 1 минута

Под слоганот „Под исто небо“, годинашното, седмо по ред издание на Меѓународниот фестивал за литература и илустрација за деца „Литера“, повторно ќе ги обедини авторите, илустраторите, издавачите, децата и сите вљубеници во литературата и уметноста за деца. Фестивалот ќе се одржи во автентичниот амбиент на Сули ан, во кој функционира и Факултетот за ликовни уметности. 

Свеченото отворање на Литера ќе се одржи на 23 април (среда), со почеток во 19:30 часот, со поставка на ретроспективна изложба на илустрации на Ордан Манески, еден од доајените на македонската графика и илустрација за деца. На отворањето ќе биде презентирана и програмата на фестивалот, а за забавата ќе биде задолжен диџеј Гоце САФ.

Овогодишната програма носи богата содржина, инспирирачки разговори, креативни работилници и изложби кои ја слават детската фантазија и моќта на раскажувањето приказни.

Во текот на фестивалските денови ќе бидат промовирани повеќе сликовници, илустрации и автори, а партнери на оваа манифестација се Халкбанк, кои со своето штедливо слонче Халки исто така ќе бидат дел од богатата тридневна програма. Литера, исто така, е поддржана и од Министерството за култура и туризам. 

„Веќе седма година Литера е дел од културната мапа на Скопје и на Македонија. Среќни сме што фестивалот продолжува да расте и да создава простор за нови дијалози меѓу уметниците и најмладата публика. Годинава, со мотото „Под исто небо“, испраќаме порака дека сите приказни се поврзани, без оглед на јазикот, бојата или границите“, велат од тимот на Литера.

Изложбата на илустрации на Ордан Манески ќе биде отворена до 30 април и е бесплатна за сите посетители, исто како и сите настани во рамки на фестивалот. 

Напишете коментар