Под мотото „Пуштете ја вашата научна фантазија“ – ќе се одржи Втората конференција „Наука за деца“
Во организација на Фондацијата „Кантарот“, под мотото „Пуштете ја вашата научна фантазија“, во сабота, на 7 октомври, ќе се одржи втората научна конференција „НАУКА ЗА ДЕЦА“. Конференцијата ќе се одржи во Интернационалното училиште НОВА, а нејзината цел е популаризација на науката кај најмладите.
Главниот дел од програмата на конференцијата се предавања и работилници организирани од проф. д-р Никола Стиков (Универзитет на Монтреал во Канада) и д-р Тања Павлеска (Институт Јозеф Стефан во Словенија). Преку нив децата на интересен начин ќе се запознаат со многу научни концепти, при што оваа година акцентот е на оптичките илузии и магичниот свет на веројатностите. Работилниците се целосно интерактивни, а љубопитните деца ќе можат да добијат одговори на своите прашања директно од научниците.
Во рамки на конференцијата ќе биде организирана и изложба на детски цртежи, кои беа избрани како финалисти на конкурсот „Научна фантазија“. Воедно, ќе бидат и прогласени и наградени победниците на ликовниот конкурс, а ќе им бидат врачени и признанија на наставниците кои изминатата година се истакнаа во работата со децата и ја поттикнуваа нивната љубопитност и љубов кон науката.
Оваа година, Фондација „КАНТАРОТ“ и проф. д-р Венка Симовска (Универзитет Архус во Данска) ја основаа наградата за извонреден научен потенцијал „Иван Ќостаров“. По одлуката на стручното жири од научници, за време на конференцијата ќе биде доделена и оваа награда, која е во вредност од 30.000 денари.
Популаризацијата на науката меѓу децата е една од главните цели на Фондација „КАНТАРОТ“, а освен конференцијата, фондацијата подолго време работи на оваа тема и преку креирање на едукативни, интерактивни видеа и експерименти кои децата можат да ги гледаат на веб страна https://naukazadeca.mk/.
Директорката на Фондација „КАНТАРОТ“, Драгана Стикова, вели дека подготовките за конференцијата се во полн ек и додава: „Со цело срце и душа работиме на Втората конференција „НАУКА ЗА ДЕЦА“ и одвај чекаме да ги собереме децата за наука на едно место. Во текот на годината организиравме научни работилници во многу училишта и реализиравме интересни натпревари за децата и овој настан за нас е кулминација на целиот труд за популаризација на науката меѓу најмладите. Со децата на работилниците ќе бидат проф. д-р Никола Стиков и д-р Тања Павлеска, па убедени сме дека нè чекаат супернаучна забава и суперзабавна наука“.
Сите родители што сакаат да ги пријават своите деца, тоа можат да го направат пополнувајќи го формуларот на линков: https://bit.ly/3tcuSVp.
Конференцијата „Наука за деца“ е финансирана со crowdfunding модел, т.е. со микро-донации од самата научна заедница и од јавноста. Комуникациски партнер на конференцијата е Групацијата Публицис, а домаќин е Меѓународното училиште НОВА.