Под мотото „Слеј се со тишината“ – стартува 11. издание на „МакеДокс“
Под мотото „Слеј се со тишината“, според истоимената стихозбирка на Ацо Шопов, утре започнува 11. издание на Фестивалот за креативен документарен филм „МакеДокс“, (19 – 26 август).
Наместо на планираните четири, овој пат ќе се одржи на две локации: Парк Младински Културен Центар и Кинотека на Северна Македонија. За публиката се предвидени протоколи при влез како задолжително носење на маска, дезинфекција на раце и мерење на температура.
„Бројот 11 може да се чита како почеток на нова декада, како 1.1, а може и да се чита во неговото скриено значење, како број кој означува порта кон други, метафизички димензии, или како број кој означува носење на суд, одлука. Единаесетото издание на МакеДокс ќе биде посветено на звукот и тишината. На слушање на наједноставното и најтешкото, и на поглед кон невидливото. Фокусот го ставаме на поезијата во филмот-дизајнот на звук. А фестивалот, кој се покажа како жилав троскот, ќе го менува својот ритам, како и сите ние, во согласност со препораките за заштита на општото јавно здравје“ велат од МакеДокс.
Филмските проекции освен во живо на отворен простор, ќе може да се следат онлајн на интернет платформа.
Покрај главната програма, „МакеДокс“ ќе ги има и категориите Нови автори, Кратки документарци, Студентска програма и Детска програма. Целосната програма може да се прочита тука, а картите се достапни во продажба на mktickets.mk.
Единаесеттото издание на МакеДокс е поддржано од: Креативна Европа – МЕДИА, Институт Јунус Емре, Амбасада на Кралството Холандија, Град Скопје, Амбасада на Република Чешка во Скопје.