Под слоганот „Нова писменост“ – седмо издание на регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“
Главната награда оваа година ќе ѝ биде доделена на угледната писателка Дубравка Угрешиќ, за нејзините вонредни остварувања во експерименталната проза.
Регионалниот книжевен фестивал „Друга приказна“ своето седмо издание годинава ќе го реализира на 26 август во Сули-ан, и на 27 и 28 август во МКЦ-Скопје.
Под слоганот „Нова писменост“ фестивалот ќе ги истражува експерименталните образовни практики во наставата по книжевност, критичката и демократска училница, создавањето на книжевните канони…
– Со 15 гости од регионот и исто толку домашни, ќе се обидеме да ги лоцираме современите текови на регионалната книжевна сцена, ќе разговараме за книгите на сјајни писател(к)и и поет(ес)и, ќе презентираме исклучителни интердисциплинарни проекти кои ги шират перцепциите на културата…, велат организаторите.
Главната награда оваа година ќе ѝ биде доделена на угледната писателка Дубравка Угрешиќ, за нејзините вонредни остварувања во експерименталната проза. Разговорот со неа ќе го води Румена Бужаровска, а ќе бидат промовирани две нејзини нови книги на македонски. За творештвото на Угрешиќ ќе зборуваат и Гоце Смилевски (писател), Мерима Омерагиќ (книжевна теоретичарка), Ирена Јовановиќ (книжевна критичарка)…
Фестивалот ќе го отвори Урош Крчадинац со самостојната трансдисциплинарна изложба „Бантустански мапи“ – илустрирани мапи од патописниот роман „Бантустан“. Изложбата ќе биде проследена со предавање на авторот.
Своите творештва на фестивалот ќе ги претстават: Сенка Мариќ (писателка, поетеса и уредница), Срѓан Срдиќ (поет и уредник), Маша Сеничиќ (поетеса, сценаристка и уредница), Јана Букова (писателка и поетеса), Данило Лучиќ (поет и уредник). На фестивалот ќе гостува и словенечката пистелка за деца Јана Бауер, која беше лауреатка на фестивалот „Друга приказна“ во 2020 година.
И годинава повторно ќе се одржи традиционалниот перформативен натпревар со „едноминутни новели“ насловен „Овде паѓаат крупни зборови“, на кој со своите кратки фикции ќе се натпреваруваат 12 странски и домашни писател(к)и. Ова е вообичаено најпопуларниот настан на фестивалот, а изминативе години победници на натпреварот беа угледни авторски имиња.
Филмот „Долги реси“ на Драган Протиќ-Прота се фокусира на еден, денес заборавен дневен ритуал и преку духовито патување низ балканските дневни и спални соби, кројачки и куќни салони, ја оживејува „музиката“ на некогашните фабрики, заедници, естетски начела и ритуали. По проекцијата ќе следи разговор со авторот Протиќ.
Излагања во кои ќе ја претстават својата работа во наставата по книжевност и работата со млади ќе имаат и Ана Фазекаш (критичарка, уредница, есеистка), Хелена де Карина (професорка), Ружица Марјановиќ (професорка и уредница на фестивалот „На пола пута“), Барбара Прегељ (универзитетска професорка и истражувачка).
Ненад Тонкин ќе ја постави изложбата „Суштества страшни со фризури и машни“, скулптури со мал формат изработени од готови најдени предмети и рециклиран материјал.
Мал концерт ќе одржи Димитра Цилевска.
Влезот на сите настани е слободен.
Фестивалот „Друга приказна“ е поддржан од ТРАДУКИ и од Министерството за култура на Република Северна Македонија