Подкаст културата како одговор на медиумската криза: „Агеласт“ гостува во Скопје!

Во време кога традиционалните медиуми ја губат довербата на публиката, а брзината често ја победува длабочината и критичката мисла, подкастите стануваа новата зона на доверба – простор за искреност, критичко размислување и долги, непрекинати разговори. На самиот врв на оваа дигитална револуција стои „Агеласт“, еден од највлијателните подкасти во регионов, којшто го редефинира Балканот како единствен културен простор на дијалог и соработка.
Токму екипата на „Агеласт“, утревечер гостува во Скопје. Предводен од популарниот Галеб Никачевиќ, тимот ќе гостува утревечер во „Јавна соба“ со почеток од 20.30 часот.
Гостувањето е новина во активностите на медиумот „Анекта“, зад кој стои новинарката Теодора Цветковска, која и самата е авторка на подкаст. По повод ова гостување, но и концептот „Анекта настани“, разговараме со Цветковска за идејата и инспирацијата да ги донесе едни од најмаркантните луѓе на Интернет сферата во делот на медиуми и култура од Балканов.
Ни дојде како природна потреба да ги изнесеме работите што ги работиме од зад камерите и микрофоните, и да ги споделиме во живо, со луѓе што сакаат да слушаат и да учествуваат. Сакавме да направиме место каде публиката не е само пасивен слушател, туку дел од разговорот – каде може да прашува, да се смеe и да се поврзе – вели таа.

Цветковска додава дека целта е да поттикнат љубопитност и желба за поинаков вид настан, нешто со повеќе срце и смисла:
Сакам луѓето да се чувствуваат пријатно. Да дојдат со отворен ум и да си заминат со нови идеи и инспирација. И, се разбира, да се забавуваат!
„Агеласт“ – платформа за мисла, не само за разговор
Подкастот „Агеласт“ е симбол на новата медиумска реалност. Без фризирани формати, без површност, со исклучително квалитетни и инспиративни разговори за важни прашања: од политика, општество и култура, до интимни исповеди, идентитетски прашања и човековата потрага по смисла. Гостите се различни, а разговорите се секогаш пријателски, со срце, искрени и поттикнуваат на размислување.
Цветковска посочува дека настанот во Скопје ќе понуди ексклузивен инсајдерски поглед на процесот на продукција, уредување и креирање на содржина која се слуша низ целиот регион. Присутните ќе имаат ретка можност за неформални разговори со Галеб и неговиот тим.
„Агеласт“ го освежи медиумскиот простор, создавајќи нова платформа за отворен и директен разговор за важни општествени теми, од политика и култура до лични приказни и актуелни проблеми. Настанот во Скопје ќе понуди уникатен увид во процесот на продукција, креативните потези и најзапаметените моменти од повеќе од 200 епизоди. Публиката ќе има можност за неформални разговори, каде ќе може да размени мислења со водителот и екипата на подкастот – посочува таа.
Од „Њуз нет“ до „Агеласт“ – „Анекта“ гради сцена на дијалог и забава
По успешниот со „Њуз нет“, ова е втор настан на тимот на „Анекта“.
Со „Њуз Нет“ почнавме како прв чекор (линк до разговорот овде), затоа што нивниот пристап со критичко размислување и хумор совршено се вклопуваше во она што го сакавме да го постигнеме. „Агеласт“ сега е продолжување на таа линија, со уште поширок спектар на теми и нови луѓе кои носат свежа енергија и нови приказни – вели Цветковска.
Таа појаснува дека целта е ова да не биде само една активност или настан, туку да го развиваат како долгорочна платформа каде што ќе се среќаваат интересни луѓе и ќе се отвораат важни, а понекогаш и предизвикувачки теми.
Сакам да создадеме простор каде домашната публика ќе може да се вклучи, да размислува и да учествува во разговор што ја надминува секојдневната клишеизирана комуникација. Ова е само почеток. Со време сакаме да ги прошириме форматите и да го направиме тоа место каде што се раѓаат и споделуваат вистински вредни приказни.
Билетите за гостувањето на „Агеласт“ се достапни на овој линк.