Доза вести

Поетска ноќ во Велестово обединува поети од шест земји

Време на читање: < 1 минута

Со учество на 16 поети, музичари и уметници од Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија, вечерва започнува 37. издание на фестивалот

Велестово вечерва ќе биде центарот на поезијата, започнува 37. издание на „ Поетска ноќ во Велестово“. Учествуваат 16 поети, музичари и уметници од шест земји: Ирска, Азербејџан, Хрватска, Романија, Бугарија и Македонија.

Програмата почнува во 21 часот со поетски портрет на Андреј Ал-Асади, едно од водечките имиња во современата македонска книжевност. Во разговор со Јулијана Величковска, ќе биде претставено неговото творештво и новата стихозбирка „Рубедо“. Ал-Асади е автор застапен во бројни антологии, преведен на неколку јазици, а неговите дела добиле признание и во земјата и во странство.

По портретот, публиката ќе може да ужива во интернационалното поетско читање „Имаго“, а вечерта ќе биде збогатена со отворањето на изложбата на академскиот сликар Стефан Младеновски во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово, која ќе почне во 22.30 часот.

Во наредните два дена фестивалот продолжува со повеќе интернационални поетски читања на локации во Велестово и Охрид.

Годинешното издание е инспирирано од богатството на природата во Националниот парк „Галичица“, од 200 видови пеперуги во Македонија, дури 166 живеат токму таму.
Постерот за фестивалот, дело на Андреј Павлов, е посветен на овие пеперуги со порака за нивна заштита и зачувување на нивната убавина.

Подетална програма на овој линк.

Напишете коментар