Постои ли нееднаквост кон младите од руралните места?
Ако си млад човек што живее во град, или пак, во главниот град, на прашањето од насловот, веројатно ќе одговориш со „не“.
Но, со ова се допира темата за тоа дали сме идеалистични или игнорантни – незасегнати за ова прашање.
Во Македонија има околу 1700 села, 900 основни училишта, 100 средни училишта и околу 30 високо-образовни институции*. Овие бројки нè носат кон логични претпоставки, дека повеќето рурални места немаат никакви училишта, иако имаат млади жители. За да ги задоволат законските образовни потреби, младите заминуваат во соседните населени места кои имаат средни и основни училишта. Овие ученици кои не потекнуваат од местото во кое што учат, честопати се жртви на невкусни шеги, омаловажувања, одбегнувања или просто – се соочуваат со нееднаков третман, па дури и дискриминација.
„Да бе, со сите селани во класот!“
или
„Само ние убајте деца, без селаните…“ се дел од говорот на омраза кој лично јас го имам посведочено. Зачудувачко е тоа што, овој проблем не доаѓа само од врсниците, туку и од вработениот образовен кадар, кој треба да се однесува професионално.
„Понижено и просто“ – се зборовите кои ги употреби една моја пријателка за да ми опише како се чувствувала во момент кога се нашла во една ваква ситуација.
За некого, едноставна шега или пониски очекувања од страна на професорите поради местото на потекло, може да бидат само нормален дел од денот. Но, за оној кој ги искусува, можат да бидат причина за анскиозност, повлеченост и самоуништувачко однесување.
Поради сето ова, секој кој е дел од било каква образовна институција, треба да биде посвесен за ваквиот вид на дискриминација кој што се случува околу него, па дури и да преземе нешто во врска со проблемот, колку можеби и да е „редок“
Авторка на текст и илустрација: Елена Дурловска, средношколка и волонтерка во „Лице в лице“.
*сите статистички податоци се преземени од последните пописи на Државен завод за статистика: https://www.stat.gov.mk/