Повеќе од половина од жените на работоспособна возраст не се вработени
Националниот младински совет на Македонија – НМСМ и Мрежата Стела денеска ја презентираа нивната „Анализа на родовите (не)еднаквости низ призмата на младите во Северна Македонија“.
Студијата се фокусира на родовата сензибилност на младите, односно родовите стереотипи и предрасуди кои ги имаат младите лица и нивното влијание врз родовите нееднаквости во општеството. Истата има за цел да придонесе кон креирање на политики согласно потребите на младите во ова поле.
„Јасно е дека во Северна Македонија постојат родови нееднаквости, кои мора да ги надминеме. За илустрација, повеќе од половина од жените на работоспособна возраст не се вработени, а 62% од нив не барат работа поради тоа што се грижат за семејството. Дополнително, повеќе од половина од времето што жените го посветуваат на работа е неплатено, а и нивната платена работа е помалку вреднувана. Жените со високо образование заработуваат 22% помалку од мажите со високо образование. Оваа анализа ни помага да ги идентификуваме родовите нееднаквости и стереотипи со кои се соочуваат младите и нуди конкретни препораки кои ќе водат кон долгорочно зајакнување на родовата еднаквост на национално ниво“ – истакна Албина Сефадини, програмска координаторка во НМСМ.
„Оваа Анализа на родовите (не)еднаквости низ призмата на младите не само што е основа за нашиот проект и понатамошни активности, туку треба да биде основа за креирање на политики и донесување на одлуки кои се родово сензитивни во склоп на полето на младинските политики и учество“ – посочи Теодора Милеска од Мрежата Стела.
Студијата заклучува дека иако младите се делумно запознаени со придобивките од родовата еднаквост, односно кои услови треба да ги исполнува едно општество за да постигне целосна родова еднаквост, сепак информираноста е нецелосна и има потреба од подигање на свеста и родова сензибилизација на младите. Исто така, значајно е при креирањето на политики или програми на национално и на локално ниво да се направи процена на влијанието врз родовата еднаквост.
Ова се само дел од клучните наоди, заклучоци и препораки, кои се достапни во целосната студија.
„Анализата на родовите (не)еднаквости низ призмата на младите во Северна Македонија“ беше подготвена во рамки на проектот „Eднакви можности за девојчињата и младите жени во Северна Македонија”, кој го спроведуваат Национален младински совет на Македонија – НМСМ и Мрежата Стела, со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.
Целта на проектот е да ги поддржи и поттикне девојките и младите жени да бидат поактивни во општеството, да креира поеднаков пристап до можностите во јавниот живот, во приватниот сектор и во процесот на донесување одлуки на локално и национално ниво.