Доза вести

Повик за учесници на МОФ Летна академија 2023

Младински образовен форум (МОФ) и оваа година ја организира својата Летна академија за младински права, демократија, младинско учество и организирање и адресирање на социјални предизвици и проблеми.

Академијата ќе се одржи од 21-25 август 2023 година (понеделник-петок) во хотел Истатов, Дојран. Истата ќе собере 100-тина млади учесници од Северна Македонија кои ќе добијат прилика да присуствуваат на стручни предавања и панел-дискусии што ќе понудат опсег на знаења и вештини и ќе ги оспособат да станат поактивни во своите локални заедници преку акции за застапување.

Повикот е отворен за сите заинтересирани млади на возраст од 15-25 години кои живеат на територијата на Северна Македонија, кои се членови на МОФ, но и оние млади кои досега немале прилика да се вклучат во активностите и настаните на организацијата.

Секој учесник ќе треба да направи избор на траките што би сакал да ги слуша согласно своите преференци и приоритети. Финалниот избор ќе се направи според квалитетот на поднесените апликации и до пополнување на ограничениот број на места по траките.

ОПИС НА ТРАКИТЕ:

Дебата

Сакате да ги подобрите вашите ораторски вештини и критичко размислување преку изучување на British Parliamentary Debate (Британска Парламентарна дебата) форматот? Сакате да дебатирате на неочекувани теми? 

Приклучете се на дебатната трака за оваа летна академија и запознајте се со овој формат кој ќе ви покаже дополнителни аспекти како да се победи во една дебата и несомнено ќе ве подготви и мотивира да учествувате на повеќе (интер)национални турнири.

Предавањата ќе се фокусираат на теоретскиот дел на изучување на форматот, заедно со практични вежби во кои активно ќе бидете вклучени и ќе имате можност да ги примените стекнатите знаења за компетитивна дебатa.

Не го повишувај тонот, зајакни го аргументот!

Учиме право – Младите и Демократијата

Избори – клучот на демократијата?

Сакаш да бидеш дел од демократските процеси и да имаш влијание? Да бидеш информиран гласач, за кога ќе има избори да знаеш што да правиш? Дојди на траката „Избори – клучот на демократијата?“ на МОФ летната академија 2023!

Во рамките на оваа трака, ќе имаш можност да учествуваш на предавања за избори, изборните системи и процеси, младинско учество и зошто младите се важен дел од едно демократско општество.

А како се учи најубаво, ако не практично?  На траката ќе имаш можност и прв пат да гласаш за претседател, но и да можеш да се кандидираш за претседател. На академијата се разбира.

Дојди, научи и гласај!

Истражување и креирање младински политики

Оваа трака е фокусирана на истражување и креирање на младински и образовни политики на локално и национално ниво.

Траката за истражување е одлична можност за сите средношколци и студенти кои сакаат да научат повеќе за академско пишување, истражување и креирање на препораки за јавни политики, со фокус на теми поврзани со млади и образование.
Траката ќе опфати две главни компоненти поделени на 6 сесии кои се сметаат за столбови на програмата: истражување и застапување. Првата компонента, преку 4 сесии ќе ве научи повеќе за тоа како да градите истражувачко прашање и хипотеза, како да ги истражувате темите (квалитативни, квантитативни и мешани методи) и како да поставите етичката рамка при креирање на истражувачки труд. Втората компонента преку 2 сесии ќе се фокусира на пишувањето и промовирањето на препораки за креирање на јавни политики. На крајот од траката, ќе подготвите краток документ за јавни политики на одредена тема поврзана со млади и образование.

Оваа трака ќе ви овозможи активно да учествувате во креирањето на политики што позитивно ќе влијаат на нашето општество.

Артивизам

Креативни сте? Имате талент? Сакате да направите промена преку уметност?

Приклучете се на траката „Артивизам“ и дознајте како да ја искористите моќта на уметноста за да ги решите проблемите кои ве засегаат.

Што добивате:

  • Вештини за идентификување и анализа социјални предизвици и проблеми;
  • Вештини за креативно решавање на проблеми;
  • Ќе научите повеќе за младински активизам и дигитална уметност;
  • Tips&Tricks за онлајн платформата – Канва
  • Ќе имате можност да организирате герила акција.

Бидете дел од инспириративната генерација на младински активисти

Како да бидам новинар?

Вести има секаде, но како да препознаеш што е вредно за објава? Можеби имаш желба да правиш подкаст, ама не знаеш за што би зборувал и како би водел интервју? Или сакаш да снимаш видео-прилог, но немало кој да ти покаже како да склопиш приказна? Дополнително, дали ако знаеш да пуштиш музика на смартфонот, значи дека си медиумски писмен?

Во склоп на Летна академија 2023, тим од двајца искусни новинари на Радио МОФ, заедно со медиумски експерт, ќе ти покажат како да бидеш новинар. Заедно со тимот ќе дознаеш што е тоа новинарство, зошто е важно и како се практикува. На оваа трака нема да слушаш само теорија, тука сакаме да бидеш дел од интерактивна програма со информативни, едукативни и забавни содржини.

За сите има нешто интересно, од сè по многу.


Доколку сакате да земете учество на Академијата, потребно е да го пополните следниот прашалник. Овој повик е отворен од 21 јули 2023 година (петок) и истиот се затвора на 2 август 2023 година (среда) во 17:00 часот.

За дополнителни прашања и информации, може да се обратите на следните мејл адреси: [email protected] и [email protected]

МОФ Летната академија 2023 се организира со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

Напишете коментар