„Правна аптека“ – прва помош и поддршка за пациентите кои имаат потреба од болничка терапија
Станува збор за правата на пациенти со хронични, сериозни дијагнози, како што се онколошки или хематолошки малигни дијагнози или ретки болести, со особен фокус на пристапот до болничка терапија, кој веќе години наназад се провлекува и манифестира како отежнат и со повремени прекини. Дополнително, специфичноста на болничката терапија е токму во видот и намената, бидејќи тоа се лекови кои се скапи, не се на позитивна листа на лекови и кои се набавуваат по други буџетски механизми, и според досегашната пракса – во ограничени количини.
Пристапот до болничка терапија е човеково право.
Третманот што пациентите го добиваат на клиниките, долгите чекање по болнички ходници за контролен преглед, долгото чекање за дијагностички прегледи, трошоците на кои се изложуваат пациенти од други градови за да пристигнат до скопските клиники особено кога доаѓаат за услуга и нега која не се успеало да се реализира, проблеми со права од здравствена заштита и здравствено осигурување, како и права од социјална заштита, пензиско и инвалидско осигурување – се надминати, потиснати, и навидум минорни кога станува збор за проблемите при пристапот до болничка терапија – терапија која за пациенти со малигни дијагнози и ретки болести претставува живот.
Во остварување на оваа потреба, партнер на граѓаните е „Правна аптека“, ентитет кој овозможува правна поддршка на пациентите, семејствата на пациентите и здруженијата на пациенти во пристапот до болничка терапија.
Правна аптека е иницијатива спроведувана од Македонско здружение на млади правници, а финансиски поддржана од Рош Македонија. Дизајнирана е да претставува сигурно и безбедно катче каде што пациентите со малигни заболувања, ретки болести и останати хронични заболувања, кои имаат потешкотии во пристапот до болничка терапија, можат да се обратат до правниците од Македонското здружение на млади правници и да добијат соодветни правни совети, правна помош и поддршка, а во некои случаи и конкретно асиситирање.
Целта на Правната аптека е да се информираат и едуцираат пациентите за нивните права, за начините како да ги остварат и заштитат, како да препознаат кога некое право им е ограничено, како и да се подигне нивната свесност за важноста од примање континуирана и персонализирана терапија како суштински дел од целокупната здравствена нега. Преку Правна аптека, пациентите кои имаат потешкотии во пристапот до болничка терапија имаат можност да добијат партнер кој ќе ги поддржи и охраби за да реагираат во случаи кога нивните права се нарушени, во случајот кога немаат пристап до терапија или кога пристапот до терапија е неконтинуиран.
Станува збор за правата на пациенти со хронични, сериозни дијагнози, како што се онколошки или хематолошки малигни дијагнози или ретки болести, со особен фокус на пристапот до болничка терапија, кој веќе години наназад се провлекува и манифестира како отежнат и со повремени прекини. Дополнително, специфичноста на болничката терапија е токму во видот и намената, бидејќи тоа се лекови кои се скапи, не се на позитивна листа на лекови и кои се набавуваат по други буџетски механизми, и според досегашната пракса – во ограничени количини. Оттука, иако борци на фронтот за заштита, унапредување или подобрување на сопственото здравје, тие се многу често финансиски и емотивно исцрпени, бидејќи се внесени во еден бескраен лавиринт кога или се во исчекување до моментот додека лекот стане достапен, а понекогаш тоа трае и со месеци, или се принудени приватно да го обезбедат лекот, кој вообичаено чини многу за едно просечно семејство. Во вакви ситуации, кај пациентите настануваат недоразбирања, нејаснотии и збунетост, а често и демотивираност да продолжат во својата борба за да го продолжат својот живот преку борбата за подобрување на сопственото здравје.
Правна аптека е тука за секој кој сака да биде слушнат
Преку Правна аптека, секој пациент кој е соочен со предизвик при добивање болничка терапија, ќе биде сослушан, информиран и посоветуван за правата, како и информиран и посоветуван за достапните алатки и правни механизми кои им стојат на располагање кога ќе се најдат во ситуација кога низ болнички ходници ќе им биде кажано дека лекот го нема. Во Правна аптека добиваат лесни разбирливи упатства што да преземат, до која институција да се обратат и на кој начин. Во определени ситуации правниците од Правна аптека ја даваат целокупната правна асистенција и поддршка за составување писмени дописи, кои најчесто се на веќе утврден формулар, или со кои едноставно се посочува проблемот со недостатокот на терапијата. Во оваа насока, ја истакнуваме и важноста на функцијата и работата на Народниот правобранител кој има цела лепеза на надлежности преку кои може да се адресира проблемот.
Со правниците на Правна аптека секој пациент, или семејство на пациент, или здруженија кои се застапуваат за подобрување и заштита на правата на пациентите, можат да стапат во контакт телефонски на 023220870, 072223963 преку смс, вибер, емаил [email protected], како и на ФБ профилите на Македонско здружение на млади правници и Правна аптека. Сите заинтересирани пациенти, семејства на пациенти или пациентски организации, можат да се обратат директно и непосредно до канцеларијата на Македонско здружение на млади правници на ул. Донбас бр. 14/1-6, Скопје.
Секој еден е значаен. Гласот на секој пациент е исклучително важно да се слушне. Борбата продолжува со правна поддршка од Правна аптека, која е достапна и пристапна за секој кој сака промена. Без гласот на пациентите, Правна аптека ќе остане нема, безгласна и без можност да остави трага за промена на долг рок. Правна аптека е тука за секој кој сака да биде слушнат и да помогне во процесот за надминување на проблемите.
За улогата на „Правна аптека“, повеќе може да се прочита и во актуелното издание на списанието за одржлив развој, „Лице в лице“, кое е подготвено со поддршка на „Рош“, под слоганот „Да го вратиме здравството на здрав пат“.