Доза вести

Прекршување на дигиталните права – одговорноста е кај поединецот, или?

Време на читање: 2 минути

Втората работилница на тема „Дигитални права и слободи“ која ја организира Платформата за одржлив развој „Лице в лице”, се одржа вчера, 14 април на Правниот факултет во Кичево.
За разлика од првата (која се одржа во Скопје, со акцент на новинарки и активистки), на оваа, дадовме повеќе простор и на предизвиците на локално ниво, во мултикутлурна, помала средина. Присуствуваа граѓани од локални граѓански организации, медиуми, институции, државни органи, граѓани кои се соочиле со предизвици во поглед на дигиталните права и слободи, или пак, кои имаат експертиза и знаења за решенија.

Настанот се одвиваше во соработка со „Рурална коалиција“ како и со Правниот факултет од Кичево, кои отстапија свои простории за работилницата.

Онлајн животот и зголеменото користење дигитални алатки, не нè прави поотпорни или способни да препознаваме криминал и напади на Интернет.  Така, сајбер нападите од големи размери продолжуваат да го нарушуваат регионалниот онлајн простор. Се бележат и зголемени проблеми со онлајн измами (фишинг итн.),  пораст на содржината генерирана од вештачка интелигенција, дистрибуција на интимни фотографии и видеа без согласност.   На работилницата, голем акцент се стави на одговорноста – дали е таа единствено кај поединецот, или пак, институциите треба да водат поголема сметка за заштита на правата на граѓаните и на Интернет. Одговорот лежи токму во нивоата на одговорност.

Учесниците дискутираа за предизвиците кои ги имаа при кршење на дигиталните права и слободи, кои се најчесто резултат на недоволна свесност, недоволната информираност и едукација за тоа колку сме ранливи и во дигиталната сфера.



Значаен аспект за подобрување на состојбата, беше ставен на потребата од поголема едукација и изнаоѓање соодветни канали за пораката да стигне до целната група, за прифаќањето „колачиња“ и што тие значат, за согласности кои ги кликаме на сите апликации, без притоа да се информираме подетално на што се согласуваме итн. Како особено ранлива група беа посочени повозрасните луѓе и пензионери кои имаат помалку можности да имаат едукација за заканите од дигиталната сфера, а сепак се корисници на социјалните мрежи и на разни апликации за пораки и комуникација.

Во рамки на работилницата беше најавена и новата студиска програма за втор циклус студии, Право и нови технологии, која ја иницира Правниот факултет во Кичево и која треба да понуди интердисциплинарен пристап на две сфери – темите од областа на правото и на ИТ секторот и дигиталните технологии.

Средбата се одржа во рамки на проектот „Reporting Digital Rights and Freedoms“ кој се спроведува со финансиска поддршка на Европската унија.
Изнесената содржина е одговорност на „Паблик“ и на „Лице в лице“ и не мора да ги одразува ставовите на ЕУ.

Напишете коментар