Преку поголема едукација, до зајакнување на младите во филмската уметност
Со подигање на свеста и негување љубов кон филмот уште од најмала возраст, можеме да обезбедиме побогата и покултурно свесна идна генерација. Ова беше еден од заклучоците на панел дискусијата „Неопходноста од филмска едукација во училишните програми, но и во рамките на неформалното образование во културните институции, организации и центри“, која се одржа денес во склоп на Beach Film Festival во Охрид.
Ако прашаме некое дете за обработка на филмот како тема во училиштата, ќе заклучиме дека оваа уметност не се ни споменува во овој дел од образованието. Ако истото дете го прашаме како да го анализира и толкува филмот, ќе видиме дека тоа ќе го направи само по своите емоции и ограничени знаења за филмската уметност.
На дискусијата своите ставови ги искажа директорката на Beach Film Festival, Ана Опачиќ. Таа го истакна недостатокот на рана изложеност на медиумската култура во основните училишта.
– Во многу основни училишта често се прескокнуваат часовите за медиумска култура, што ги остава студентите неподготвени за високото филмско образование. Кога учениците се запишуваат на филмските академии, од нив се очекува да имаат основни знаења за анимација и други основи -рече Опачиќ.
Таа сподели дека културата за негување на гледање филм во кино е незаменлива и потребно е да се негува уште од најмала возраст.
Низ панел дискусијата се наметнаа прашања за ефективни практики за интегрирање на филмското образование и се движеше во насока на негова децентрализација. Се зборуваше и за потребата да се дадат можности и на младите надвор од поголемите градови.
– Децата од Охрид учествувале на работилници и филмски кампови во рамките на фестивалот и има јасна побарувачка за повеќе вакви програми – сподели Опачиќ.
Оваа дискусија имаше за цел да го доближи филмското образование до заедницата, правејќи го составен дел на формалните и неформалните образовни системи. Останати учесници на дискусијата беа Дамјана Патчева, виш филмолог во Кинотека на Македонија, Саша Станишиќ, режисер и координатор на „Филмска училница FIMAY“, Гордана Бабоска, стручен соработник за образовна соработка во Гете-институт Скопје, Ивана Маховска-Шикалеска, наставник во ОУ „Григор Прличев“ во Охрид и Емилија Ристановска, наставник во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.