Доза вести

Преку три приказни, „Види Вака“ повикува на анонимно пријавување за прекршување на работничките права

Време на читање: 2 минути

Краткиот филм „Вера, Сања и Ева“ е омнибус филм кој е составен од три посебни приказни поврзани со заедничка тема – кршење на работничките права прикажани преку бруталната реалност со која се соочуваат текстилните работнички.

Види Вака по објавата на трите приказни и омнибус филмот ја продолжува кампањата за подигнување на свеста за работничките права преку поттикнување на публиката анонимно да пријави прекршување на некое работничкo правo.

Овие три кратки приказни, како и омнибус филмот „Вера, Сања и Ева“ својата премиера ја имаа на медиумот Види Вака. Приказните имаат за цел да испратат силна порака за прекршување на работничките права во текстилната индустрија, но и да се прекине нишката за прекувремена работа, пари во плик и неисплатена плата на работничките и работниците.

„По објавата на трите кратки филмови и склопувањето на омнибус филмот „Вера, Сања и Ева“, одлучивме да ја повикаме публиката да се осмели да пријави прекршување на нивните работнички права. Сè со цел нивните приказни да станат повеќе видливи, но од друга страна како медиум да им упатиме на одговорните институции за прекршување на правата на работниците на територија на цела држава. Нашата цел е да создадеме јавен и општествен притисок со кој ќе почнеме да издвојуваме победи за почитување и унапредување на работничките права“, вели Горан Игиќ управител и продуцент во Види Вака раскажувачко студио.

Во краткиот филм „Вера, Сања и Ева“ глумат статисти, текстилни работнички и актерките Нина Елзесер во улогата на работничката Сања, Анастасија Ласовска во улогата на Вера, Гордана Ендровска како Ева, Катарина Илиевска Силјановска во улогата на шефицата и Јасмина Василева во улогата на работничката во пошта.

Режисер, сценарист и монтажер на филмот е режисерот Ѓорче Ставрески, а директор на фотографија Ѓорѓи Клинчаров, додека извршна продуцентка е Ивана Шекутковска. Краткиот филм е во продукција на Види Вака раскажувачкото студио и е дел од програмата „образование низ забава“ како и дел од одговорноста на Види Вака како медиум не само да информира, туку и да едуцира.

Од Види Вака најавуваат дека ќе продолжат да инвестираат во концептот на едукација, како еден од најефикасните методи на правење и градење позитивни промени во општеството.


Напишете коментар